На Мундијалот настапи и фудбалер далтонист кој има проблем да ги препознава соиграчите на теренот

Селекцијата на Данска загуби во второто коло со 2:1 од Франција во рамки на групата Д на СП во Катар и се наоѓа пред тежок предизвик во последното коло кога мора да победи за да обезбеди пласман во нокаут-фазата.

Данците против Франција настапија без Томас Дилејни кој во првото коло против Тунис заработи повреда на коленото, а деталните лекарски прегледи покажаа дека тоа не е наивна повреда. Првичните проценки се дека Дилејни ќе отсутвува најмалку еден месец од терените.

Тој долги години е неизоставен дел од селекцијата на Данска, но малкумина знаат дека има голем здравствен проблем. Имено, пред неколку години, Дилејни дознал дека е далтонист.

Тоа го сфатил по пријателскиот натпревар со Мексико кога им признал на селекторот и на лекарите дека не знаел кои му се соиграчи на теренот, иако Данците играле во црвени, а Мексиканците во зелени дресови.

Проблем му претставувало тоа што и двете репрезентации имале бели шорцеви.

„Јас сум Томас и јас сум далтонист. Тешко ми беше да видам кој е во мојот тим, а кој во противничкиот. Тешко е да се опише. Тоа е како да гледам различни нијанси на иста боја. Обично играме во шорцеви во различни бои, но овој пат и двете репрезентации играа во бели шорцеви. Кога играчите стојат блиску еден до друг полесно е да се распознаат, но кога ќе се забрза играта, тогаш имам проблеми“, изјави пред неколку години Дилејни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести