Македонија
Бојмацалиев од Крива Паланка: Реконструирани сите полициски објекти на територијата на СВР Куманово, во ОВР Крива Паланка вложени над девет милиони денари
Денеска, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, оствари работна посета на Крива Паланка, каде што оствари работна средба со раководствата на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка при СВР Куманово, а ќе ја посети и Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Деве Баир при Регионалниот центар „Исток“ како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамките на работниот процес.
„Од страна на раководството на ОВР Крива Паланка бев брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица изминативе три месеци од оваа година, a безбедносната состојба ja оценивме поволна на задоволително ниво. Забележителна е ефикасноста од над 70 % во реализација на кривично-правни настани по приватна тужба и по службена должност за периодот 2023 и 2024 година, прво тримесечје“, истакна Бојмацалиев. Притоа тој потенцира дека на територијата на СВР Куманово сите полициски објекти се реконструирани.
„Во 2021 година беше направена комплетна реконструкција и санација на целиот објект на ОВР Крива Паланка за само два месеца за сума од над 9.000.000 денари средства издвоени од буџетот на МВР, а при изведбата беа имплементирани мерки за поголема енергетска ефикасност на објектот, а со тоа и поголеми заштеди, како и заштита на животната средина. Сите полициски објекти во овој реон се реконструирани со вкупен влог од 65 милиони денари, со што уште еднаш докажавме дека задоволна и опремена полиција носи високи резултати и ја гарантира безбедноста на граѓаните и државата“, рече Бојмацалиев.
Потенцира дека и во Крива Паланка оперативниот штаб на МВР за спроведување на изборниот процес функционира редовно, подготвени за гарантирање на безбедноста во насока на фер, слободни и демократски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.