Тошковски смета дека во владата биле правно непотковани и затоа му ги поништиле наредбите

Незаконита и скандалозна е одлуката на Владата со која ги поништи моите наредби, вели министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски откога вчера техничкиот премиер Талат Џафери даде појаснување зошто Владата ги поништила наредбите на министерот Тошковски.

„Па како не им е срам. Па уште одозгора два потписа, три потписа. Ај што се тотално неинформирани, правно непотковани, па уште и дрски да зборуваат за формални недостатоци“рече Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на одделението за Управни работи Куманово.

Според Тошковски, целокупното поведение на, како што рече, колективното тело наречено Влада од самиот почеток на оваа техничка влада е чуден за сите, како за граѓаните така и за институциите.

Тошковски, говорејќи околу одлуката за СВР Тетово за која вели дека била дадена без никакво образложение, но и за другите одлуки во однос на претходните акти кои биле потпишувани, за последната донесена рече дека е најскандалозна.

„Владата се охрабри да поништи наредба што јас сум ја издал на колешка во МВР за да го тера процесот со фотографирање. Наредба на колешка, која на доброволна основа сака да помогне да се отвори пунктот во Ново Село, да функционира како што треба, за тие граѓани да може да бидат таму фотографирани, и Владата ја поништува“,вели Тошковски.

Тој вели дека никогаш претходно не се случило да се поништуваат наредби.

Вчера, техничкиот премиер Талат Џафери рече дека формално, ако нема врзан потпис, наредбите се поништуваат.

„Законот е јасен дека треба да има врзан потпис. Формално, ако нема врзан потпис, се поништуваат, после постапката кога ќе потврди нешто друго, се преземаат соодветни одговори и постапки согласно процедурата“,рече Џафери.

Back to top button
Close