1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Хрватска: Двајца кандидати, без големи разлики

Зоран Арбутина
17 април 2024

Изборната борба во Хрватска е во знакот на спорот меѓу претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ. Притоа, меѓу двајцата речиси нема разлика.

https://p.dw.com/p/4eqg2
Изборна кампања во Хрватска
Изборна кампања во ХрватскаФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Долго изгледаше како изборната борба за парламентарните избори во Хрватска да е решена и пред вистински да почне. Сите анкети најавуваа јасна повторна победа на премиерот Андреј Пленковиќ и неговата партија ХДЗ (Хрватска демократска заедница), на власт веќе осум години.

Зашто, со години хрватската опозиција се презентираше како беззаба и зафатена првенствено со самата себеси. Во најдобар случај, таа можеше да зaбележи локални успеси, како на пример во градот Загреб, каде зелено-либералната партија Можеме! во 2021 година освои мнозинство во градскиот парламент и градоначалникот е од нејзините редови.

Но, сѐ се промени кога  актуелниот претседател, Зоран Милановиќ  пред четири недели најави вклучување во трката за премиерското место, како врвен кандидат на Социјалдемократската партија, СДП. На Милановиќ му успеа од неговиот избор за претседател пред четири години, да го пополни вакуумот во моќта на национално ниво. Со годините тој се профилираше во фактички противник на моќниот премиер Андреј Пленковиќ.

Од неочекуваната најава на Милановиќ во март, се чини дека исходот на парламентарните избори е повторно неизвесен. Во првите анкети по најавата на Милановиќ, Социјалдемократската партија забележа скоковит раст од седум проценти.

Две партии, а разлики речиси нема

Паѓа в очи дека меѓу СДП и ХДЗ речиси нема програмски разлики. Внатрешнополитички, кај двете партии во фокусот на изборната кампања се  економската ситуација во земјата  и  животниот стандард на граѓаните.  Се ветуваат повисоки плати и пензии, место во детска градинка за секое дете и многу нови станови по поволни цени. Изгледа како партиите да препишувале една од друга. И кај двете не се кажува како ќе се финансира сето тоа.

Хрватска протест Загреб
Во февруари во Загреб имаше протести против владата на премиерот Пленковиќ поради корупцијаФотографија: DAMIR SENCAR/AFP

Разлики се видни кај прашањето за правата на жените и ЛГБТК заедницата: додека конзервативната ХДЗ не ги споменува овие теми во својата програма, СДП им посветува голем простор, ветувајќи зајакнување на правото на абортус и легализација на можноста за вештачко оплодување.

Разлики во надворешната политика

Двете партии внатрешнополитички речиси не се разликуваат, а има сличности и кај двајцата кандидати. „Нема битна разлика меѓу  Милановиќ и Пленковиќ  како личности. Двајцата имаат слична семејна и социјална позадина, до извесен степен и паралелни биографии – на пример двајцата биле прво во хрватското Министерство за надворешни работи“, вели политикологот Жарко Пуховски за ДВ.

Најголемите рaзлики се појавуваат во надворешната политика. Андреј Пленковиќ, кој пред изборот за лидер на ХДЗ и хрватски премиер со години беше пратеник во Европскиот парламент, се смета за проевропски ученик за пример, кој клима со глава на сите предлози од Европската комисија, па и за санкциите против Русија и масивната воена помош за Украина.

Од друга страна, поранешниот претседател на СДП и екс премиер Зоран Милановиќ постојано ја истакнува нужноста од запазување на националните интереси на Хрватска во ЕУ, притоа сфаќајќи ја ЕУ првенствено како банкомат. „Не смееме да се задоволиме со досегашното користење на европските фондови. Мораме да станеме подобри во искористување на парите. Во конкуренција со европските нации ќе имаме успех ако сами се грижиме за себе“, напиша Милановиќ на Фејсбук. 

Претседателот вети дека ќе ја извлече Хрватска од конфликти како руската војна против Украина. Тој  на Украина ѝ ветува хуманитарна помош,  но е против испорака на хрватско оружје и обука на украински војници во Хрватска. Хрватска надворешнополитички треба да се концентрира на други работи, истакна тој во неделата (14.04.2024) на прес-конференција во Опатија: „Украина, Израел, Иран – тоа не се наши војни, ние треба да се држиме настрана".

 Зоран Милановиќ Хрватска
Актуелниот претседател, Зоран Милановиќ пред четири недели најави вклучување во трката за премиерското местоФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Но во поглед на БиХ, двајцата конкуренти се единствени, истакнува политикологот Пуховски: „Двајцата сметаат дека Хрватите во БиХ се обесправени и сакаат да ги заштитат нивните интереси. Разликата е само што Пленковиќ тоа го формулира дипломатски и се залага за поддршка од Брисел, додека Милановиќ зборува отворено и се потпира повеќе на помош од лидерот на босанските Срби, Милорад Додик“.

Тешко до формирање влада

Покрај двете големи партии ХДЗ и СДП, има и три други партии кои на парламентарните избори можат да прокнижат некаков успех: десно-националното Татковинско движење, конзервативната Мост и зелено-либералната Можеме!. Освен тоа постојат и некои помали регионални партии на националните малцинства. 

Хрватска избори
Помалите партии како Мост можат да им одземат гласови на ХДЗ и СДП, а да не се на располагање за коалиција Фотографија: Mehmed Smajic/DW

Но, политикологот Пуховски претпоставува дека и ХДЗ и СДП по изборите би имале проблеми да добијат парламентарно мнозинство: „Зашто другите партии или не сакаат да коалицираат со нив или нема да можат да соберат доволно гласови“.

Единствено логично решение би била голема коалиција. „Но, ХДЗ и СДП се толку раскарани, што тоа не е можно“, вели Пуховски. Тој претпоставува затоа дека по изборите сѐ ќе зависи од преговарачката вештина на двајцата потенцијални премиери. Тоа може да му оди во прилог на актуелниот премиер Пленковиќ, вели Пуховски, зашто тој порано докажа извесен талент за такво нешто.