Евролига: Макаби избори доигрување, Ефес го заврши натпреварувањето

Кошаркарите на Макаби Тел Авив изборија пласман во доигрувањето во Евролигата откако во дуелот од плејинот убедливо ја совладаа Басконија со 113:85.

Во плејинот учествуваат клубовите кои зазедоа позиции од седмото до десеттото место. Победникот од мечот меѓу седмопласираниот Макаби и осмопласираната Басконија се пласираше во плејофот каде го чека Панатинаикос, додека Басконија ќе има уште една шанса против победникот од деветтопласираниот Ефес и десеттопласираната Болоња, а тоа е италијанскиот претставник.

Макаби одлично го започна мечот во Белград и веќе имаше 13 поени (28:15) по првата четвртина. На полувреме беше +19 (55:36), а на крајот од третата четвртина разликата беше 25 (86:61). Во последниот дел, номиналниот домаќин рутински го приведе мечот кон крај за конечни 113:85, погодувајќи 19 „тројки“ во текот на играта, што е нов клупски рекорд.

Макаби до победата го предводеа Лоренцо Браун со 29 поени, погодувајќи седум од осум „тројки“ и Вејд Болдвин со 26 поени. Кај Басконија се истакна Коди Милер-Мекинтајр со 32 поени, седум асистенции и осум скока, додека Маркус Хауард постигна 14, а Тадас Седекерскис постигна 11 поени со седум скока.

Со оваа победа Израелците се пласираа во плејофот каде во четвртфиналето ќе ги одмерат силите со Панатинаикос. Басконија ќе има уште една шанса против Виртус Болоња, која во Истанбул го совлада Анадолу Ефес со 67:64.

Домашните подобро го започнаа мечот, поведоа со 6:2, 19:10, па 23:12, но гостите до крајот на првата делница го намалија резултатот на 23:21. Втората четвртина донесе изедначена игра и Ефес на полувремето замина со минимални 36:35. Домашните имаа предност на влезот во последната четвртина (50:48), а на почетокот на последниот период беше и 55:50. Сепак, следеше одлична серија на Италијанци кои побегнаа на 64:57, бранејќи ја предноста до крајот за конечни 67:64.

Виртус до победата го предводеа Торнике Шенгелија со 13 поени и Ифе Лундберг и Авуду Абас со по 12 поени. Вил Клибурн со 22 поени и Шејн Ларкин со 16 поени беа најефикасни кај поразената страна.

Бранителот на титулата Реал Мадрид во четвртфиналето ќе игра со победникот од пресметката Басконија – Виртус Болоња, Панатинаикос ќе се соочи со Макаби Тел Авив, а во четврфтиналето ќе игаатМонако (3) – Фенербахче (6), а Барселона (4) – Олимпијакост (5).

Четвртфиналната серија се игра до три победи, од 23 април до 8 мај, а фајналфорот е од 24 до 26 мај во „Мерцедес Бенц Арената“ во Берлин.