Дојранското Езеро е прогласено за споменик на природата, а судот анализирајќи го Законот утврдил и дека има пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно не била добиена дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање
Уставниот суд укина решение за одобрение за градба на хотелски комплекс на крајбрежјето на Дојранското Езеро, кое било донесено од градоначалникот на Општина Дојран во 2018 година, соопштија од судот.
Според соопштението од Уставен, судот утврдил дека се повредени темелните вредности, меѓу кои уредување и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина.
„Уставниот суд го укина решението донесено од страна на градоначалникот на општина Дојран на 16.05.2018 година, со кое се одобрува локална урбанистичка планска документација за дел К.П. бр.1073 и др. за К.О. Сретеново, Општина Дојран, изработена од ДГПТУ ’СТАН АРТ‘ ДООЕЛ Куманово, со тех.бр.26.01.12/17 од април 2018 година, кој опфат опфаќа простор од 4 309 квадратни метри. Судот утврди дека не била во целост почитувана постапката за донесување на решението и со тоа се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, односно владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина“,
соопштија од судот.
Дојранското Езеро, нагласуваат од Уставен, е прогласено за споменик на природата согласно закон со кој е утврден посебен режим на негова заштита.
„При донесување на оваа одлука, Судот направи анализа на Законот за прогласување на Дојранското Езеро за споменик на природата и во таа насока утврди пропуст во постапката за донесување на конкретната локална урбанистичко-планска документација, односно Уставниот суд констатира дека не е испочитувана обврската за обезбедување на согласност од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, оваа обврска е пропишана и во Законот за заштита на природата“,
велат од Уставен.
Дополнително, од Уставниот суд утврдиле и дека нема доказ оти одлуката за неспроведување стратегиска оцена за влијание врз животната средина е објавена на веб-страницата на Општината Дојран. Тоа, инаку, е нејзина законска обврска во постапката за донесување плански документи со кои се уредува и планира просторот.