Регион
Додик повторно во Русија: Имаме притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Москва
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, повторно отпатува во Русија за да ја изрази својата желба за зајакнување на односите со режимот на Владимир Путин, а денеска на средбата со шефот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, тоа го потврди. Додик отпатува за Санкт Петербург, каде што ќе учествува на меѓународниот безбедносен форум организиран од руските власти, а таму го однесе и министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, со чија партија е во коалиција на државно ниво.
Како што објави јавниот сервис на Република Српска (РТРС), Додик веднаш се сретнал со Патрушев, кој се смета дека е еден од најблиските соработници на Путин. Двајцата разговараа за соработката меѓу РС и Русија, а Патрушев особено ги пофали добрите лични односи меѓу Додик и Путин.
„Вашите одлични лични односи со претседателот на Русија, Владимир Путин, водат до одлични односи меѓу РС и Руската Федерација“, рече Патрушев на средбата додавајќи дека е свесен оти РС е под голем притисок поради тоа.
Додик одговори дека нема да го поколебаат притисоците.
„Ние сме под голем притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Русија“, рече Додик.
Актуелниот претседател на РС, кој е под санкции на САД и Велика Британија, отпатува во Русија во време кога Босна и Херцеговина се соочува со сериозна политичка криза. Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, во понеделникот предупреди дека односите во владејачката коалиција се најлоши досега.
Кризата беше предизвикана од барањето на Додик за укинување на техничките измени на изборниот закон, кои беа наметнати во март од високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, како и противењето на најавеното усвојување на резолуцијата во Обединетите нации, со која би се прогласил 11 јули како ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Поради оваа причина, Додик ги актуализира своите закани за независност на РС и тоа го стори во пресрет на заминувањето во Русија.
„Не можеме да живееме со оние што работат против нас. Време е секој да тргне по својот пат“, изјави вчера Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми
Сина ајкула долга повеќе од три метри и тешка 200 килограми е уловена во Будва.
Уловите на сина ајкула од минатите години покажуваат дека овој вид ајкула најчесто се среќава во Јадранското Море на пролет.
Рајко Бојановиќ, член на спортскиот риболов клуб „Ширун“, улови ајкула и рече дека ќе биде препарирана во Природонаучниот музеј на Црна Гора, а изложбата е планирана за септември.
Регион
Убиство и самоубиство во Бјеловар, Хрватска
Во Бјеловар, Хрватска во семејна куќа се пронајдени две починати и едно тешко повредено лице, кое е префрлено во болница. Најверојатно се работи за насилна смрт, а според неофицијални информации, мажот ја убил мајката на неговата жена, а се обидел да ја убие и сопругата која е тешко повредена.
Напаѓачот, според првичните инфрормации се самоубил.
Хрватската полиција засега не ги потврдува неофицијалните информации дека се работи за убиство и самоубиство.
Полицијата дојавата ја добила околу 10 часот, а на местото се врши увид.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.