Се продаваат вилите на Силвио Берлускони, вредни околу 800 милиони евра

72

Од вилите на Силвио Берлускони, во семејството ќе остане само вилата со Сан Мартино, со 3.500 квадратни метри, во градот Аркоре кај Милано, каде што ги помина тој последните денови од својот живот.

Берлускони почина пред неполна година, во јуни лани, а сега неговите деца почнаа со продажба на неговиот недвижен имот.

Според италијанскиот весник „Ил соле 24 оре“, вредноста на повеќе од 100-те недвижности што ги поседувал Берлускони изнесува околу 800 милиони евра, а со нивната продажба треба да се олесни поделбата на наследството, а не поделбата на недвижностите.

– Сите имоти, станови и вили носат големи месечни трошоци за вода и за струја, кои само за три вили како онаа на Сардинија, потоа на езерото, Азурниот Брег и Бријанка надминуваат милион евра годишно – пренесува РТС.

Децата на Берлускони сакаат да ги продадат сите вили, освен премиерската резиденција во која живеел 50 години, вилата „Сан Мартино“, каде што се наоѓа семејниот мавзолеј.

Како што јави агенцијата „Анса“, се продава вилата „Гернето“, резиденција со голем парк од 18 век, кај Лезмо во Бријанка, каде што симболично се венчаа Марта Фашина и Силвио Берлускони во 2022 година. Оваа вила е во сопственост на неговата компанија „Фининвест“ и нејзината цена е околу 44,8 милиони евра, а во текот на својот живот, Берлускони сакал таа да стане универзитет на „слободни мисли“.

Се продаваат и вилата „Чертоза“, огромна зграда на Коста Смералда, која чини меѓу 250 и 300 милиони евра, како и две вили на островите Антигва и Барбуда, кои беа планирани за продажба уште пред отворањето на тестаментот. На продажба се и „Гранде“ во древната Апија во Рим, вилата „Ла Лампара“ во Кана со 500 квадратни метри и со поглед на море, вилата „Кампари“ во Леза, на езерото Маџоре и вилата „Ту Палмс“ на островот Лампедуза. За оваа вила од 250 квадратни метри, економистот Џани Профита понуди три милиони евра.

 

Берлускони поседуваше не само вили туку и многу земјиште, полиња на Коста Тиркиз кај Облија, каде што сакаше да изгради огромно одморалиште со вили и со терени за голф. Берлускони имал и околу 100 апартмани во Милано, како и киното „Фјама“ во Рим. Неговите наследници се отворени и за понуди поврзани со јахтите „Морнинг глори“ и „Свит драгон“.

Како што пренесува РТС, во последно време се шпекулира дека синот на Берлускони и сопственик на телевизиската компанија „Медијасет“, Пјер Силвио, сака да ја купи вилата „Гранде“ во Рим на Апија Антика, која ја купил татко му за четири милиони евра, во 2001 година и му ја дал на својот пријател, режисерот Франко Зефирели, за користење до 2019 година.

Неговата сестра, Барбара, е заинтересирана за вилата „Белведере“ во Мекери, каде што живеела долго време со своите деца и со мајката Веронија Ларио пред разводот. Најстарата ќерка, Марина, е заинтересирана за вилата „Кампари“ на езерото Маѓоре, со 30 соби и прекрасен парк, купена во 2008 година. Берлускони често престојуваше во палатата „Грациоли“ во Рим, една од неговите резиденции од 1995 до 2020 година, која пред неколку дена стана седиште на Здружението на странски дописници во Италија. На свеченото отворање на новото седиште, еден од новинарите открил тајна врата, која, всушност, е таен премин, кој се користел при познатите „бунга-бунга“ забави на Берлускони.

Во книгата „Ил ранцоре е ла сперанза“, Бруна Веспа, најстарата ќерка Марина, претседателката на „Фининвест“, изјавила дека вилата „Сан Мартино“ треба да остане место каде што ќе се собира семејството.

– Нашиот татко ги сакаше животот, светлината, блискоста со луѓето. Вилата „Сан Мартино“ треба да остане таква каква што е, седиште на нашите деловни средби, но и место каде што се обединува семејството. Тоа ќе го сакаше и тој да беше жив – изјавила Марина.

Контроверзниот поранешен премиер на Италија, кој беше на чело на четири влади, има петмина наследници: синовите Пјер Силвио и Луиџи и ќерките Марина, Барбара и Елеонора.