Skip to main content

Моментот на избор – држава со институции или улична анархија

Freepik

Македонија го живее можеби најтешкиот период во својата понова историја. Не дека како нација и како држава бевме поштедени од несреќи, катастрофи и човечки загуби, но оваа беше најголемата и најболната што некогаш се случила. Тоа е загуба на шеесет млади животи дополнета со неколкукратно повеќе сериозно повредени. Тоа се повреди и рани кои ќе остават свои последици, највеќе за директно погодените и нивните семејства, но и за цел народ кој директно ги трпи траумите од пожарот во Кочани.

Останува да се молиме за повредените, но и да правиме се што е во наша моќ како поединци и како држава да им го дадеме она што им го должиме во овие моменти. Останува да се надеваме дека црниот биланс на оние кои што ги загубија своите животи ќе застане тука. Останува со внимание да ги следиме информациите кои пристигаат од домашните медицински установи, како и од земјите кои сесрдно излегоа во пресрет и ги прифатија пациентите со најсериозни повреди. Мора да сме подготвени на пружање на неопходната помош до целосно закрепнување на повредените.   

Ваква несреќа не смее никогаш повеќе да се повтори. Таа треба да биде пресвртна точка која ќе не разбуди од летаргијата во која сме влезени како општество и го живееме синдромот на „варена жаба“. Таа треба да биде нашето отрезнување и напуштање на целата онаа ненормалност во која што живеевме „како до сега“. Она што корумпираниот и девастиран систем ни го претставуваше како нормално и како мерило за успех мора да биде искорнато од корен. Мора да биде воспоставен систем на вистинските вредности, кои сѐ уште не се изумрени и живеат некаде длабоко во нас и нашата лична и колективна меморија.

Охрабрува фактот што по подолго време се стекна впечаток дека македонското здравство реагираше соодветно и беше на ниво на задачата. Позитивен е впечатокот и за истражните органи и МВР кои спроведоа опсежна и неселективна активност за утврдување одговорност и вина за несреќата. Но, во исто време, треба да им се даде поттик и поддршка на сите инспекциски служби кои ја имаат контролната улога која треба да биде во функција на превентива за отстранување на ризиците од вакви несреќи. Инцијативноста кај надлежните веќе е забележлива, независно од тоа дали се работи за државно или локално ниво, но потребна е и широка општествена поддршка и будност во однос на нивните активности.

Будност која ќе им даде ветер во грб за да си ја работат и сработат нивната задача. Будност која што ќе им помогне да излезат од живиот песок во кои што самите се заглавени заради коруптивниот систем кој што постепено сите нѐ „вареше како жаба“. Будност која ќе помогне да се санкционираат нечесните и неспособните, но во исто време и да се слушнат оние другите, оние кои се подготвени чесно и законски да ги водат бизнисите. Мора да се слушнат тие луѓе и стопанственици кои мака мачат да излезат на крај во борбата со нелојалната конкуренција креирана од коруптивниот систем. Ако е неопходно, треба да се направат и законски прилагодувања кои ќе дефинираат јасни правила на игра за сите учесници, правила со кои ќе се минимизира ризикот од корупција и ќе се стимулира и поддржува законскиот начин во водењето на секој бизнис во државата.

Таа будност не смее да биде претворена во брутална политичка злоупотреба на трагедијата, ниту пак да биде инструментализирана од политичките кампањи на СДСМ, Левица и Шарените кои дополнително ја вознемируваат јавноста.

Во деновите на жалост, наместо тишина, достоинство и почит, видовме координирана офанзива од истите оние структури кои и во минатото ја поткопуваа државата преку уличен активизам маскиран како морална борба. Видовме конкретни чекори за злоупотреба на болката, гневот и протестите на граѓаните за јавни настапи и лична промоција на најлицемерните душегрижници во македонската политика. Видовме медиумска хистерија и поттикнување гнев во функција на политички калкулации. 

Македонија еднаш беше фрлена на колена од „шареното сценарио“. Последиците беа катастрофални и далекусежни. Граѓаните уште ги паметат нејзините ефекти и нејзините вистинските креатори кои подоцна дојдоа на власт и го спроведоа најголемото насилие врз државата, народот и поединци. Граѓаните добро ги паметат криминалите и злосторствата на СЈО и нивниот политички ментор Заев. Многумина од нив се по затвори за дела кои со леснотија ги правеа и за кои бевме сведоци и современци. Некои се во бегство, а некои во илегала без никаков кредибилитет да се соочат со народот. И сега, токму истите актери, со истите методи сакаат нова рунда. Сакаат нова прокси политичка битка со која ќе ги злоупотребат болката и стресот во општеството и ќе ги инструментализираат младите и студентите во функција на нивниот политички и криминален интерес.

Не е воопшто тешко да се види дека студентите се злоупотребени, а зад сцената стојат идеолошки ментори и поранешни функционери. Во протестите има искрени луѓе со болка, но водството врз протестите е преземено од политички структури што сакаат да ја претворат трагедијата во уличен суд, а несреќата во средство за власт. Младите имаат право на глас, имаат право на сопствено мислење и став. Но, овој пат тие дефинитивно се нападнати со цел да бидат претворени во средство за исполнување на агенди на пензионирани активисти и поранешни советници од Шарената коалиција. Тоа се структури кои повторно се обидуваат да и дададт хибридна димензија на демократијата и да го воскреснат хибридниот режим.

Јасно е како бел ден дека протестите се координирани преку регионални центри. Прелевањето на српското сценарио и учеството на инструктори од Србија се само првиот доказ. Запрепастувачки се видеата и документите кои покажуваат обука, насоки и стратегии. Сето ова укажува на тоа дека се работи за добро уиграна операција со регионален карактер, во која Македонија е следната цел.

Шарената револуција никогаш не умре. Таа само чекаше нова трагедија за да се реактивира. Истите ликови, истите мрежи и истите слогани. Овој пат маскирани во „граѓанска иницијатива“, но со добро позната политичка агенда – рушење на стабилноста и менување на власта без избори. 

Дестабилизацијата на државата е стратегија која има свои креатори и заинтересирани центри на моќ. Провоцирање уличен хаос, вештачко генерирање кризи претставуваат алатка која треба да ја предизвика таквата дестабилизација со цел да се симне легитимно избраната власт.  Тоа е стара шема и стапица во која како народ и држава не смееме да влеземе. 

Која е позадината на ваквите сценарија за дестабилизација? Дали некој подготвува нови договори, ново клекнување, ново прекројување на идентитетски теми и економска зависност под диктат на туѓи интереси? 

Ова се сосема легитимни прашања кои треба секој на себе да си ги постави. Тоа се прашања за кои се потребни одговори за секој од нас пред да ги дефинираме своите ставови, вистински потреби и барања за подобрување на амбиентот во кој што живееме. Секој од нас треба да си одговори на прашањето дали претходната шарена револуција навистина ја спаси државата од корупција и криминал или го стори токму спротивното и се испостави дека нејзините најекспонирани поединци се најкриминогеното ткиво во општеството?!

Токму тоа криминогено ткиво е моторната сила на ваквите иницијативи и активности. Отпорот против Владата воопшто не е идеолошки. Од авион се гледа дека таквиот отпор има политички и криминални мотиви. Тие што сега повикуваат на улици и „правда“, се истите што ја создадоа неправдата. Тоа се структури на поранешни директори, партиски апаратчици, квази-невладини организации и медиумски инструменти, кои живееја од системот на привилегии. Оваа Влада доби мандат и победи на избори со огромно мнозинство, за да се бори против тој систем. Тоа е нејзина должност и обврска. Токму затоа е таквата агресивност и бескрупулозност на криминалните структури кои ја држат политиката и политичките партии во заробеништво заради остварување на сопствените цели. 

Толпата не смее да суди. Секоја трагедија бара сочувство, одговорност и вистина, но не и линч. Правдата не се постигнува со улични пресуди кои што се политички мотивирани. Ниту една нација не се изградила преку лов на вештерки. Ова е момент кога треба да го вратиме принципот на владеење на правото, а не владеење на гневот. Тоа е обврска на сите институции на државата.

Тврдењата и обвинувањата за неказнивост се најголемото лицемерие токму од оние кои што ги штитеа криминалците со години. Опозицијата сега бара одговорност, но кога тие беа на власт немаше ниту една оставка за Ласкарци, Беса Транс и пожарот во модуларната болница во Тетово. Се поставува прашањето зошто тогаш молчеа, а сега прават сѐ за да го попречуваат процесот на истрагата и утврдувањето на одговорност?!

Многу прашања се поставуваат за кои ќе мора да ги засукаме ракавите и самите да ги најдеме одговорите. Оставањето на сопствените животи во рацете на политички манипуланти и некрофили кои се хранат со туѓата несреќа ќе биде погубно за македонските граѓани и за Македонија. Ова е момент за избор, држава со институции или улична анархија?! Ако ова сценарио не се спречи, државата ќе влезе во долг период на вештачки кризи. Сега е времето за граѓаните да се одлучат дали ќе поддржат ред, закон и реформи, или ќе го следат патот на уривање и хаос.

Овој пат Македонија хаос не смее и нема да дозволи!



Поврзани вести