Вести Македонија Најважни

Велигден со пораки за здравје, љубов, меѓусебна почит и обединување

Со трикратниот повик „Христос воскресна“, кој ноќеска на полноќ до верниците пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, го упати поглаварот на МПЦ-ОА, Г. Г. Стефан, започна празнувањето на еден од најрадосните христијански празници – Велигден. Традиционално, многу верници дојдоа пред храмот и со запалени свеќи се вклучија во поворката која го обиколи, а по соопштувањето на веста за победата на животот над смртта, отелотворена во христовото воскресение, се кршеа бојосаните велигденски јајца, кои се симбол на животот.

Велигден е празник кој кани на духовна обнова и единство. Затоа верниците и ова утро дојдоа во Соборниот храм на традиционалната празнична литургија, со која чиноначалствуваше епископот охридски и македонски, Г.Г. Стефан. Меѓу присутните имаше политичари, и од власта, и од опозицијата. А, верниците со пораки за здравје, љубов и меѓусебна почит. Во пресрет на изборите на 8 мај, не изостанаа ни пораките, тие да поминат мирно.

  • Сега е актуелна ситуацијава. Да се смириме , да завршиме со изборите, да биде сѐ во ред. И Господ да ни даде здравје на сите, вели еден верник.
  • Да бидеме поблиски до Бога, да се сакаме, да се почитуваме. Едноставно, само љубов. Тоа не учи Господ, вели една верничка.
  • Сите да бидеме насмеани повеќе, посреќни да бидеме и да си се чуваме, вели друга верничка.
  • Повеќе љубов, повеќе доверба, повеќе простување, здравје, вели трета верничка.

Во велигденското послание од поглаварот на МПЦ- ОА, што на литургијата го прочита отецот Сашко Николовски, Г.Г. Стефан со порака да се обединиме и да не дозволиме отстапки пред оние кои што постојано посегнуваат по нашите светости- државата, историјата, културата и јазикот.

„Наша должност и обврска треба да ни биде, да им се спротивставиме на сите оние кои што на секаков начин се трудат да ни го одземат она за кое што се дадени многу жртви и кои што се желни да ни ги приграбат: И историјата, и земјата, и културата, и јазикот , и сѐ што е наше – македонско. Затоа, што е можно побргу да се освестиме и да се обединиме како народ“, стои во велигденското послание на Г. Г. Стефан, прочитано од отец Николовски.

Потребно е и меѓусебно простување, зашто е христијански, а без тоа не можеме да го празнуваме Велигден, се вели во посланието од Г.Г. Стефан. Христовото воскресение- Велигден, се празнува три дена.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Ахмети, ги обвини СДМ и ВМРО-ДПМНЕ за прегласувањето во седумте избирачки места

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе