Македонската женска ракометна репрезентација денеска од 18 часот ќе ги добие ривалите на Европското првенство што ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември годинава во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Ждрепката за групите ќе се одржи во Виена, а на овој турнир за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации. Македонија се најде во третиот квалитативен барабан, па во група нема да може да игра со Словенија, Србија, Хрватска, Полска и Исланд.
Шест репрезентации се веќе поделени во по една група. Унгарија како еден од домаќините ќе игра во групата А во Дебрецен, Црна Гора ќе се натпреварува во групата Б исто така во Дебрецен. Во Базел се играат исто така две групи, Франција ќе биде во групата Ц, а Швајцарија во Д-конкуренцијата. Во Инсбрук ќе биде ко-домаќинот Австрија и тоа во рамки на групата Е, а во истиот град во рамки на групата Ф ќе биде Германија.
Групната фаза се игра во Дебрецен, Инсбрук и Базел, главната фаза е во Дебрецен и Виена, а финалниот викенд е само во австрискиот главен град.
Фото: Игор Паневски