Триумфално враќање на Надал на земјена подлога по 681 ден

од Симе Стоиков

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал по речиси две години отсуство се врати на земјените турнири и победи на првиот меч на АТП турнирот од серијата 500 во Барселона против Италијанецот Флавио Коболи во два сета 6:2, 6:3.

Последниот меч што Надал го одигра на земјена подлога беше во финалето на Ролан Гарос 2022 година, кога го совлада Каспер Руд. Оттогаш поминаа 681 ден. Сепак, таквата пауза кога е во прашање неговата омилена подлога не влијаеше на неговата победничка серија на земјена подлога, која сега изнесува осум победи.

Можеби Коболи не е големо име и не е во некоја посебна форма. Но, на крајот на краиштата, тој е 62. тенисер во светот, а Надал толку лесно се снајде со него, како да е јуниор.

Натпреварот траеше едвај 80 минути. Надал беше суверен во првиот сет, не дозволи ниту една брејк топка. Во вториот беше малку понестабилен на сервис. Дозволи дури и брејк. Но, на крајот славеше без преголема неизвесност.

Следниот предизвик на Надал ќе биде против четвртиот носител Алекс Де Минор.

Слични содржини