„Пари“: 83,5 милиони евра чинеле здравствените услуги во четири приватни болници


На просечна нето-плата од 39.276 денари, колку што е републичкиот просек за февруари, за кога се и последните податоци од Државниот завод за статистика, придонесот за здравствено осигурување е 4.423 денари. Но, и покрај тој месечен придонес што се плаќа, многу често граѓаните завршуваат на приватните клиники.
 
Често може да се слушне реченицата: „Бадијала плаќаме придонеси!“. Кај некои од приватните клиники поминуваат здравствени интервенции кои се признати преку Фондот за здравствено осигурување, така што за нив се плаќа само партиципација како „на државно“, па дел од граѓаните се одлучуваат да одат таму, затоа што сметаат дека ќе добијат подобра услуга, дел немаат време за чекање во државното здравство, дел го следат својот лекар, а неретко докторите од државното здравство мигрираат во приватното.
 

Приходите се бројат во милиони 

Епилогот е следен: во четирите најголеми приватни здравствени установи – „Аџибадем Систина“, „Ремедика“, „Неуромедика“ и „Жан Митрев клиника“, минатата година граѓаните директно, или преку здравствениот придонес во Фондот за здравствено осигурување за третмани што ги покрива, оставиле 83,5 милиони евра, што е 3,5 милиони евра повеќе отколку во 2022 година, покажува анализата на финансиските податоци што ја направи порталот „Пари“ во соработка со платформата „Бизнис Мрежа мк“.

Податоците покажуваат дека без конкуренција се приливите од извршените здравствени интервенции во „Аџибадем Систина“, каде што приходот е 57,6 милиони евра, или 68,9% од вкупниот приход во четирите приватни болници што ги ставивме под лупа.

Клиниката „Жан Митрев“ е втора по реализираниот приход. Во 2023, приходите на клиниката биле 16,9 милиони евра, и тие се за 13,96% помали отколку во 2022, кога исто така имаше пад во однос на 2021 година.

Со приход од речиси осум милиони евра, „Ремедика“ се најде на третото место, но и оваа болница има пад за 9,51% во однос на 2022 година.

Најмалку вкупен приход во оваа четворка остварила „Неуромедика“ – еден милион евра, но тоа е подобро отколку во 2022 година.

Истото рангирање овие четири најпознати наши приватни здравствени установи го имаа и во 2022 година.

Приходи на приватни здравствени установи (во евра)

Извор: БизнисМрежа.мк

Колкав профит останал за клиниките?

Секоја приватна клиника си има свој сопственик. Здравството е хумана работа, но и докторите, а и самиот бизнис, мора да има своја цена.

Податоците за добивките на здравствените установи не го следат во целост рангирањето на приватните здравствени установи по приход. „Систина“ останува на прво место и по приход и по добивка, но „Жан Митрев“ која е втора по приход, продолжува како и преклани да книжи негативни резултати. На второ место според добивката е „Ремедика“, која е трета по приход, а на трето место по добивка е „Неуромедика“ која, пак, по приход е на четвртото место.

Лани „Аџибадем Систина“ направила добивка од 6,5 милиони евра и таа е 21,9% поголема отколку во 2022 година.

Ремедика“ остварила профит од 849.000 евра, што е за 27% помалку во однос на прекланскиот резултат.

Најмала добивка има „Неуромедика“ и таа е 133.000 евра. Но, дури 105% е повисока од онаа во 2022 година.

„Жан Митрев“ лани бил во загуба од 1,1 милион евра, а прекланскиот минус изнесувал околу 420.000 евра.

Добивки на приватните здравствени установи (во евра)

Извор: БизнисМрежа.мк

 Има ли разумен профит во приватното здравство?

Ако една клиника не оствари профит, и ако само ги покрие трошоците на своето работење, таа ќе тапка во место. Клиниките, приватни или државни, мора да имаат капитал за да инвестираат во својот кадар, во континуираната медицинска едукација, во современа апаратура, па и во просторни капацитети, проширувања и креирање удобен амбиент за пациентите.

Но, она што треба да се стави „на кантар“ е заработката во однос на приходот. Дали профитот има мерка? Некоја точна дефиниција за тоа колкав процент е оправдан – нема, особено ако се прават некои поголеми инвестиции. Сепак, од процентите на нето-маржата може да се извлечат заклучоци.

Нето-профитните маржи, всушност, го претставуваат процентот на профитот во вкупниот приход. Тој процент кај „Неуромедика“ бил најголем и изнесувал 13,3%, потоа е „Аџибадем Систина“ со 11,28%, па „Ремедика“ со 10,66%. За „Жан Митрев“ не може да зборуваме за профитна маргина, затоа што болницата воопшто немала профит.

Нето-профитни маржи

Целата анализа е достапна на следниот ЛИНК