Дупка „без дно“ пронајдена во близина на кратер од астероидот кој ги уби диносаурусите

од Илинка Илиоска

Научниците сè уште не можат да ја откријат длабочината на една мистериозна сина дупка на дното на океанот, која е толку длабока што нејзиното дно останува скриено. Оваа дупка, позната како Таам Ја, се наоѓа на југоисточниот брег на Мексико и е позната како најдлабоката сина дупка во светот, со длабочина која значително ја надминува претходниот рекордер, Змејската дупка, која е длабока 300 метри.

Таам Ја е длабока повеќе од 100 метри од Змејската дупка и има дијаметар од 150 метри. Се наоѓа во заливот на полуостровот Јукатан, близу границата со Белизе, и е толку длабока што звукот не може да се одбие од нејзиното дно. За време на мерењата, акустичните бранови биле „поголтани“ од дупката пред да достигнат длабочина од 274 метри.

Во обид да ја откријат вистинската длабочина на Таам Ја, научниците од мексиканскиот институт ECOSUR во 2023 година спуштија кабел со инструменти за мерење на притисокот, температурата и спроводливоста на водата. Но, дури и откако сите 500 метри од кабелот беа спуштени, инструментот не успеа да го достигне дното.

Инструментот завршил на длабочина од 420 метри под морското ниво поради благиот агол на спуштање на карпите на дупката. Научниците од ECOSUR изјавиле дека планираат да испратат подводен робот во следната експедиција кој би можел да ги продлабочи истражувањата.

На длабочина од 400 метри, податоците покажале дека условите на водата изненадно се промениле, што укажува на можна врска со Карипското Море преку подводен тунел, според информации од Science Alert.

Јукатан е познат по својата геологија полна со дупки и подземни пештери, слично на швајцарско сирење, со 10.000 длабнатини полни со свежа вода. Научниците веруваат дека ударот на астероид кој предизвикал исчезнувањето на диносаурусите пред повеќе од 66 милиони години, создал кратерот Чиксулуб и влијаел на геологијата на регионот.

Кратерот Чиксулуб има дијаметар од 180 до 200 километри и длабочина од околу 20 километри. Во дупките се откриени различни екосистеми, вклучувајќи и нови форми на живот, и покрај недостатокот на светлина и ниските нивоа на кислород. Научниците од ECOSUR велат дека во длабочините на Таам Ја може да се најде интересен биодиверзитет.

Истражувањето, објавено во списанието Frontiers in Marine Science, е насловено како “Recent records of thermohaline profiles and water depth in the Taam ja’ Blue Hole (Chetumal Bay, Mexico)”.

Слични содржини