Петар Христов – Германчето се бореше под Илинденското знаме, па отиде во САД, но се врати и херојски загина за Македонија

Македонија изродила многу херои низ историјата. Еден од нив е и Петар Христов – Германчето. Го споменуваме денеска, оти на овој датум (28 февруари) во 1908 година го дал животот за слободна Македонија.

Роден е во 1867 година во преспанското село Герман, растел во патриотска средина каде меѓу македонскиот народ се негувале спомените на едно славно минато за време на цар Самуил. Тоа го определило неговиот животен пат во текот на кој ќе стане и познат по прекарот Германчето, според името на родното село. Во 1899 година станал активен член на Македонската револуционерна организација која поради неговите способности го назначила за селски војвода, по што ќе учествува во многу битки за ослободување на Македонија од тогашното турски ропство.

Во 1901 година бил уапсен од турските власти и осуден на 6 години затвор, а во 1903 година, пред почетокот на Илинденското востание, бил амнестиран. За време на Илинденското востание дејствувал активно како преспански војвода заедно со 50 востаници. Германчето во текот на два три месеци од востанието дејствувал смело, херојски, против турските војски во реонот на Буфско и Горна Преспа при што со своето дејствување го спасил и своето родно село Герман да не биде запалено од турската војска.

По задушувањето на востанието во есента 1903 година, Петар останал да го чува преспанското население. Меѓутоа, бидејќи востанието ја опустоши Македонија, Петар во пролетта 1904 година заминал на печалба за САД. Но, таму не останал долго време, бидејќи гласот на напатениот македонски народ го викал да се врати дома.

Во февруари 1905 година, Петар преку Бугарија каде формирал чета се вратил како војвода во Македонија и дејствувал во поширокиот регион на преспанскиот крај. Дејствувал против Турците и андартите, припадници на вооружената грчка пропаганда, која по востанието станала многу активна во Македонија.

Цели три години Германчето со својата умешност и тактика успешно крстарел низ овој реон без да го напушти. Меѓутоа, предаден на 28 фебруари 1908 година, Петар Христов – Германчето бил опколен од турската војска кај селото Дробитишта, Егејскиот дел на Македонија. По жестока борба од утрината до вечерта, откако му ги убиле другарите, наоѓајќи се во безизлезна ситуација, за да не падне жив во рацете на непријателот, тој ја закопал целата архива и херојски си го одзел животот.

Неговата жртва била поттик кај македонското население да живее стремежтта за ослободување на Македонија.

Претходна вестПо Османи и Травари и Максим Димитриевски објави дека ги собрал потписите
Следна вестВремето денес променливо облачно и релативно топло