Изложба на фотографии насловена „Жена“, во организација на Српскиот културен центар „Спона“, од денеска 10 мај, е отворена во Музејот на македонската борба во Скопје. Изложбата со пригоден говор ја отвори амбасадорката на Република Србија во Македонија, Невена Јовановиќ.

Посетителите до 15 мај ќе можат да ја погледнат изложбата на Историскиот архив од Ниш, со тема и презентација на значењето на социолошко – социјалната улога на жената раскажана преку фотографии од Ниш и неговата околина.

Публиката во Скопје ќе има можност хронолошки да следи како и каде жените работеле, како се менувале, но и како се развивало општеството низ различни периоди. Најстарите фотографии на жени, кои се содржани во Историскиот архив на Ниш, се направени во студијата, каде што може да се видат нишките граѓански и народни носии од почетокот на 20 век. Од периодот на социјализмот, може да се видат фотографии кои ги претставуваат жените како еднакви со мажите, на работните места во Машинската индустрија, Ратко Павловиќ и Тутунската индустрија. Овде го гледаме развојот на општествениот тек уште од периодот на Кралството Србија.

Директорката на Историскиот архив од Ниш, Снежана Радовиќ, ја истакна радоста и честа што изложбата со отвора во Скопје, со што се потврдува работата на Архивот, но и се слави љубовта, нежноста и вербата на женската сила.

Во Скопје ден претходно беше одржана и средба меѓу директорката на Музејот на македонската борба Ана Китановиќ и директорката на Историскиот архив Ниш, Снежана Радовиќ.

На средбата на која присуствуваа програмскиот директор на „Спона“, Милутин Станчиќ и историчарот Милош Стојковиќ, беа разменети искуства и впечатоци од досегашната работа на двете институции, како и најавениот протокол за соработка и меѓусебната посета на Ниш и активностите за реципрочна реализација.