Битиќи: Ќе ја поддржам секоја одлука која го почитува идентитетот и јазикот на моите другари, пријатели и сограѓани

Вицепремиерот за економски прашања – Фатмир Битиќи, вели дека со големо внимание ги следи коментарите и реакциите на целата јавност околу актуелниот развој на настаните во однос на спорот со Бугарија и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Во објава на Фејсбук, тој посочи дека ќе ја поддржи секоја одлука што го почитува идентитетот и јазикот на неговите другари, пријатели и сограѓани –  алудирајќи на етничките Македонци, а за која, како што вели, тие нема да имаат никаква резерва.

„Лично сум осетил какво е чувството некој да негира идентитет, јазик и постоење и затоа јасно знам колку сето тоа е против сите вредности за кои јас се залагам и работам. Тоа се црвени линии кои успешно ќе ги заштитиме! Заеднички ќе изнајдеме решение кое ќе ја обезбеди нашата посакувана Европска иднина, но и истовремено ќе го заштити достоинството на нашата држава и народ.

Јас ќе ја поддржам секоја одлука која што го почитува идентитетот и јазикот на моите другари, пријатели и сограѓани, а за која тие нема да имаат никаква резерва.

Затоа активно ги повикувам да се вклучат во консултативниот процес и јасно да го искажат својот став! Решенијата мора да ги градиме со солидарност и меѓусебна емпатија – друг пат нема! Ќе успееме!“, порача Битиќи.

- Реклама -