Факт е дека спортот спаси многу луѓе, ги тргна од улиците и им даде шанса да станат некој и нешто. Така беше и со Матијас Лесор, асот на Панатинаикос, кој се прослави играјќи за Партизан.

Французинот гостуваше во емисијата на Чиме Монеке, кошаркарот на Басконија, каде што раскажа зошто и како почнал да се занимава со кошарка.

  • Бев лошо момче. Мојот тренер во тоа време ме спаси. Тренирав со тимот, ми рече да тренирам со нив, дека не сум лошо дете, но дека треба да учам и да ги поправам оценките во следните три месеци. За возврат, ми вети дека ќе ме испрати во школа за кошарка. Тоа е она што го направи. Ми го спаси животот. Само Господ знае што ќе станев, бидејќи бев на погрешен пат во тој период од животот. Тоа е приказната за мојот живот. Ми даде шанса, веруваше и сметаше на мене кога никој друг не го правеше тоа. Не смеев да го изневерам. Сè уште сум во контакт со него – истакна Лесор, кој не откри за кој човек станува збор.

Оваа сезона во Евролигата, Лесор има просек од 13,6 поени, со шест скока на натпревар и го предводи Панатинаикос до трофејот на ова натпреварување. Прва пречка на тимот од Грција ќе му биде тимот на Макаби Тел Авив, меч што е закажан за наредниот вторник. Инаку, четвртфиналните дуели се играат во три добиени, а Панатинаикос влегува во улога на апсолутен фаворит во дуелот против Макаби ТА.