Приватните специјализанти втор ден по ред продолжија да штрајкуваат. Сметаат дека нивната плата треба да биде доволна за живеење, а не за преживување. Велат дека не го добиваат она што го даваат. Времето им поминува залудно во одовлекување утре, задутре. Неисполнети се  ветувањата на министерот за здравство. Тие ги демантираат неговите обвинувања дека зад протестот има политичка позадина и го прашуваат како да преживеат со ниска плата без основни работни услови, објавува ТВ Телма.

„Срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување. Мислам дека нема ниедна политичка партија што треба да не мотивира за ние да си ги бараме основните човекови права кои ни се загарантирани со устав. Јас лично немам ниедна книшка од политичка партија. Единствената книшка што ја имам дома е крводарителската на која што пишува „нулта позитив“. Сакам да напоменам околу изјавата на министерот за медиумите дека  три плати се доволни за да си ја платиме месечната школарина, сакам да го прашам дали ние во тие месеци треба да плаќаме сметки, кирии, кредити и дали треба да живееме или да вегетираме за да може да ја платиме школарината?“, вели д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.  

Министерот за здравство Демири вчера изјави дека смета дека штрајкот на специјализантите има политичка позадина и им порача дека во предизборие не може да носи одлуки. Подоцна ги повика на средба во Влада, но не им понуди конкретно решение за нивните барања. На владина седница денес ќе се одлучува за барањето на специјализантите за покачување на платите во висина на просечната плата, а во зависност од одлуката тие ќе одлучат дали ќе продолжи нивниот штрајк, се вели во прилогот на Телма.