Ковачевски и Пендаровски грешат во пресметката или ќе не внесат порано од 2030 година во ЕУ?

Македонската власт низ целиот мандат кога немаше што да каже и конкретно да покаже дека сработува даваше ветување – во 2030 година ќе влеземе во ЕУ. А бидејќи често немаа што друго да кажат – често ни даваа „датум“.

Е, сега во предизборието во редовите на владеачката партија СДСМ пак делат „датуми“. Па, така, на објавата на претседателската кандидатура Стево Пендаровски покажа голем оптимизам и даде ветување:

-Во мојот прв мандат станавме членка на Алијансата. Очекувам во мојот втор мандат да станеме членка на ЕУ, рече тој.

Уште поуверлив беше лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски:

-СДСМ како партија е подготвена, и јас лично сум подготвен и решен да ја внесам Македонија во ЕУ до 2030 година, тоа е нашата цел која имаме должност да ја исполниме – амбициозна, но реална и остварлива, истакна тој

Дали на овие решителни давања на „датум“ е љубоморен Бојан Маричиќ кој обично беше задолжен за вакви весели најави, не се знае. Но, се чини, ова покажува што ќе биде едно од главните ветување на СДСМ и Пендаровски во текот на претстојната изборна кампања.

Да потсетиме: „Датумот“ Ковачевски за првпат го спомена уште прекланската година наведувајќи дека “реално е да се очекува Македонија да стане членка на Унијата во 2030 година“. Се разбира, ова веднаш покрена дилеми и полемики во јавноста дали е можно или не, како и секогаш кога се работи за некои однапред зададени датуми. Различни видувања за 2030 година, како датум за влез на повеќе земји во ЕУ се случија и во редовите на самата Европска унија, па додека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел порачуваше дека до 2030 година, двете страни – и ЕУ, и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на ЕУ. Истиот ден францускиот претседател Емануел Макрон од годишниот состанок со француските амбасадори порачуваше дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето, и дека треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации и да изгради консензус со повеќе од 30 земји-членки…

Значи датумов…

Туку, да се надеваме Ковачевски и Пендаровски нема да заборават дека во Македонија сега се поважни внатрешните промени и проекти. Во изминативе години, додека го чекавме „датумот“ власта добри бројни критики за состојбите со корупцијата, со судството, со партизацијата, непотизмот, јавните набавки…

Што тука има да понудат и што тука до сега направија? 

ПС. И да ги потсетиме, и кога би ги добиле новите мандати – тие ќе им траат до 2028 и до 2029 година. Прават грешка во пресметките или од скромност се кажува 2030 година како тајминг, а всушност порано ќе не внесат во Унијата? Сакаат пријатно да не изненадат? Или пак Ковачевски е сигурен дека и уште еден мандат ќе добие во 2028 година?

  

Претходна вестНов претседателски кандидат започна со собирање на 10.000 потписи
Следна вестБитолчанец се заклучил во „Тојота рав 4“, откако го бркала полиција