Судот во Африка осуди војници на смрт поради кукавичлук

Воен суд во источно Конго осуди осум војници на смрт поради кукавичлук и други злосторства поврзани со бегство од бојното поле. Пресудата доаѓа додека владата се обидува да го спречи насилството и конфликтот во регионот богат со минерали, каде што дејствуваат многу вооружени групи, пишува АП.

Во март, Конго го укина мораториумот на смртната казна по повеќе од 20 години, тврдејќи дека тоа ги спречува предавниците и шпионите да бидат соодветно казнети. Организациите за човекови права ја критикуваа одлуката. Алексис Оленга, адвокат на Палуку Оленга, еден од војниците осудени на смрт, изјави дека неговиот клиент не избегал од бојното поле бидејќи бил уапсен на местото каде што требало да дејствува.

„Ова е монструозна одлука, верувам дека мораме веднаш да ја оспориме пред високиот воен суд“, порача адвокатот за Асошиејтед прес.

Воениот суд во Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву, ослободи уште тројца војници од сите обвиненија и ги ослободи.

Мојсе Ханги, активист на граѓанското општество, смета дека „таквите одлуки сè повеќе ќе ја ослабуваат армијата и ќе ги заплашат оние на одбранбените линии“. Деценискиот конфликт во источен Конго предизвика една од најтешките хуманитарни кризи во светот.

Повеќе од 100 вооружени групи се борат за земјиште и контрола над рудниците со вредни минерали. Некои се борат да ги заштитат своите заедници. Многу групи се обвинети за масовни убиства, силувања и други кршења на човековите права. Околу 7 милиони луѓе беа раселени поради насилството.

Г. Т.