Top Sport

Влезот на Дубаи во АБА лигата одложен за наредната недела

Во Загреб се одржа Собранието на АБА лигата која беше окарактеризирана како историска, а љубителите на кошарката со нетрпение го очекуваа епилогот, каде 11 клубови со право на глас (Црвена звезда, Партизан, Цедевита Олимпија, Будуќност, Задар, Цибона, Мега , ФМП, Крка, Игокеа, Морнар), мораа да донесат голем број важни одлуки, а една од клучните беше Дубаи.

По речиси шест часа разговор, анализа на сопственичката структура, односно вклучувањето на СЦ Дерби, Сплит и Борча од Чачак во истата, односно натпреварувачкиот систем за следната сезона, одлучено е да се закаже ново Собрание за седум дена со цел уште еднаш да се разгледа понудата на тимот од Обединетите Арапски Емирати.

Имено, како што дознаваме, сите клубови со право на глас, вкупно 11, изразиле подготвеност Дубаи да биде учесник во АБА лигата следната сезона, како и во наредниот период, но било побарано Дубаи дополнително да ги прецизираат условите и да ја зголеми финансиската понуда за првата сезона која во моментов изнесува 1,5 милиони евра.

Затоа, сите други одлуки засега се ставени во мирување, додека не се решат преговорите со тимот од Дубаи. Како што сега стојат работите, за седум дена Дубаи повторно ќе претстави нова понуда, врз основа на која ќе се донесе одлука за учество на Дубаи во АБА лигата, а потоа и за системот на натпреварување, односно проширување на лигата на 15 или 16 клубови.

„Спортклуб“, повикувајќи се на свои извори, објави дека, одложувањето на одлуката околу учеството на Дубаи во АБА лигата не треба да биде пречка на патот кон проширување на лигата, односно прифаќање на учеството на клуб од Обединетите Арапски Емирати.

Взаемна желба постои, а сега остануваат уште седум дена да се усогласат споменатите желби во финансиска смисла.

Како што соопштија од АБА лигата, се работи за детали, а откако тие ќе бидат решени ќе биде објавен и системот на натпреварување за следната сезона.

Scroll to Top