САД ќе се спротистават на палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН

Соединетите држави ќе гласаат подоцна во четвртокот против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе го блокираат светската организација да признае палестинска држава.

„САД и натаму остануваат на ставот дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и Палестинската самоуправа со поддршка на САД и другите партнери“, изјавил за Reuters американски функционер.

Планирано е подоцна во четврток 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која му се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.

За да помине резолуцијата потребни се најмалку девет гласа и без вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.

„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рекол американскиот функционер.

Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година. Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членоките на Генералното собрание.

Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по нападот без преседан на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога и да е, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, тврди дека Палестинците не ги исполнуваат критериумите за полноправно членство во ОН: постојано население, дефинирана територија, влада и капацитети за односи со други држави.

„За чие признавање гласа Советот и на кого би му дале статус на полноправно членство? Хамас во Газа? Палестинскиот Исламски џихад во Наблус? Ком?“, праша Ердан во Советот за безбедност.

Давањето полноправно членство на Палестинците во ОН „нема да има никаков позитивен ефект за ниту една страна, тоа може само да предизвика уништување во годините што доаѓаат и да им наштети на шансите за каков било дијалог во иднина“, посочи Ердан.