„Алкалоид“ со донација на течен „омепразол“ ќе го помогне лекувањето на околу 200 деца – пациенти

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Како континуиран поддржувач на македонското здравство и фармација, Алкалоид АД Скопје донира дел од своите производни количини на иновативнaта формулација на „Омепразол“ во течна форма, во вкупна вредност од 12.5 милиони денари, на Универзитетската клиника за детски болести и на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле, со цел олеснување на пристапот до соодветен третман во овој дел кај детската популација. Според проценката на двете здравствени институции, преку оваа донација, со соодветна терапија ќе бидат покриени околу 200 деца во времетраење од една година.

„Со оваа донација наменета за децата, како една ранлива возрасна категорија кога станува збор за одредени дигестивни нарушувања, како компанија даваме свој придонес кон олеснување на процесот на нивно лекување и на подобрување на квалитетот на животот на пациентите. Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет – Луѓето и Здравјето пред сѐ, на кој се темели компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, ‘Алкалоид’ со децении помага онаму каде е најпотребно. Грижата за заедницата во која делуваме, особено онаа насочена кон најмладите, останува наш приоритетен сегмент во компаниското портфолио за општествена одговорност“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.