„Гласови“ – концерт на „Мизар“ со „Хармосини“ и десетина врвни инструменталисти во Филхармонија


Македонската компанија ЕКОТИП, во соработка со ЧУВ-ДЕ-ЧУВ, ве покануваат на уникатен музички настан – концерт на култниот „Мизар“ и хорот „Хармосини“, што ќе се одржи на 12 мај во Македонската Филхармонија, во 20 часот.

Концертот на „Мизар“ е сѐ само не обичен музички настан, тоа е оживување на емоција чија музика и порака те будат како стрелба од длабок сон кој одекнува како глас меѓу најпрефинетите познавачи на музика во поширокиот регион, велат организаторите на концертот.

“Мизар не е само музика. Мизар е повеќе од еден обичен рок-бенд. Мизар е борба, пркос. Мизар е еден од бедемите на македонската музика, култура и национален идентитет”, порача Зоран Митровиќ од „Чув-Де-Чув“ , организатор на настанот.

„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”,изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.

На прес-конференцијата одржана во Концепт просторијата на ЕКОТИП, на новинарските прашања одговараа фронтменот на „Мизар“ Горазд Чаповски, како и Илија Стојановски, Дени Омерагиќ и претставникот на хорот „Хармосини“, професорот Ристо Солунчев.

Горазд Чаповски најави незаборавна вечер исполнета со добрамузика, одлична атмосфера и моменти за историја, спектакл со 17 врвни македонски музичари-инструменталисти, составени во концепт кој во Македонија се изведува за прв пат.Членовите на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, придружувани од класично-гудачка секција и група на free јazz музичари, со аранжерот и диригент Дени Омерагиќ, во прекрасна симбиоза ќе ги исполнат безвременските: 1762, Амфилохиј, Сина соба, Дождот, Глас, Почесна стрелба,Константинопол, Бело море, Градот е нем, Ходен Же, Златно сонце, Галеб…и ред други песни.

Билетите за концертот се во продажба на https://ticketx.mk/ или преку контакт на телефонот 078/520 552. 

Ансамблот кој стои зад „Гласови“ брои 17 члена. Во него, покрај „Мизар“ (Горазд Чаповски и Илија Стојановски) и „Хармосини“, вклучен е и оркестар со десетина врвни музичари, предводени од Дени Омерагиќ. Оркестарот го сочинуваат Драган Теодосиев и Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет и саксофон), Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), како и петчлената гудачка секција: Глигор Кондовски, Тони Арслан, Сања Смилевска, Фиола Исмаили и Марко Крстевски.

– Ова ќе биде почеток на некое ново откровение. Идејата за проектот беше од поодамна, кога случајно, минатата година, ми се јави Зоран Митровиќ. Ја прифатив. Со оглед дека „Хармосини“ се главниот вокал, моравме да се сконцентрираме на византиската, поцрковната страна на „Мизар“. Има песни од сите албуми, а изборот го направи Дени, рече Чаповски.

Според Омерагиќ, песните се од различни периоди на творештвото на „Мизар“.

-При изборот, почнавме со поголем список, па преку консултации и работа, го скративме до оваа програма за концертот. Целта ни беше песните прво, да имаат логично место во овој ансамбл што функционира сега, потоа да покриеме различни периоди, од целото творештво, кога песните композициски различно звучеле и на крај, песни кои можеа да се расклопат и потоа повторно да се склопат на друг начин, да им се даде нов живот без компромис во квалитетот. Мислам дека со 80 отсто од материјалот сме многу блиску до тоа што првично го замисливме во однос на израз и квалитет. Останатите 20 проценти ќе ги „зашрафиме“ утре и задутре, истакна Омерагиќ.

Ристо Солунчев, кој го предводи хорот „Хармосини“, рече дека сосема спонтано излегло тие да бидат главен вокал.

-На почетокот гледавме како да се вклопи хорот и на крајот излезе дека е природно да постои во рамки на сите песни кои ќе бидат изведени. Ние сме задолжени за идејата на византиската музика што е присутна кај „Мизар“. Оттука и мислам дека не е нешто компицирано да се спои византиски хор со музиката на „Мизар“, објасни Солунчев.

Чаповски на прес-конференцијата најави нов материјал кој, како што рече, може да се очекува наскоро.