Откриени необични гробишта | Закопани на необични позиции и многу добро сочувани

319
Скелетите се извонредно добро сочувани со оглед на нивната старост

Дали гробиштата биле користени долго време, па така се смениле практиките за погребување? Или некои луѓе биле означени како различни?

Во Wales е откриено ретко гробно место од раниот средновековен период, за кое се верува дека потекнува од 6 или 7 век, што ги доведе археолозите во конфузија, објави во средата BBC.

Досега се ископани 18 од околу 70 гробови, во кои некои од добро сочуваните скелети лежат на необични позиции, а пронајдени се и неочекувани артефакти.

Гробиштата се наоѓаат на незабележителна рамнина околу замокот Fonmon, во близина на аеродромот во Cardiff.

Ископувањата во текот на две лета почнуваат да откриваат повеќе за оваа древна заедница, но исто така покренуваат многу прашања.

Summer Courts, остеоархеолог на University of Reading, вели дека скелетите се во добра состојба и покрај тоа што се стари околу 1.500 години.

Тимот ќе спроведе ДНК анализа на коските за да дознае повеќе за оваа заедница

Тој покажува кон новооткопаниот череп.

Имаме, на пример, некои заби истрошени на необичен начин, што може да укаже на употреба на забите како алат, вели тој. Можеби за работа со текстил, кожа или правење корпи. Низ предните заби провлекувале некој материјал.

Но, некои од скелетите во необична положба претставуваат загатка.

Некои се легнати на грб, што било нормално за тој период, додека други биле легнати на страна, а некои закопани во свиткана положба со колена кон градите.

Археолозите не се сигурни што значи тоа. Дали гробиштата биле користени во долг временски период, па така се смениле практиките за погребување? Или некои луѓе биле етикетирани како различни?

 Предните заби од еден од скелетите се многу истрошени

Пронајдени се делови од садови и чаши и фрагменти од коски од заклани и запалени животни. Еден предмет се издвојува и зборува за животот на оваа заедница, мало врежано колче за кое се верува дека се користел како маркер за да се постигне погодок во игра.

Водачот на тимот Andy Seaman, експерт за рана средновековна археологија од University of Cardiff, вели дека за разлика од денешните гробишта, ова не е само место за погребување на починатите.

Денеска мислиме на гробиштата како места на кои ретко одиме, но тие веројатно биле клучен дел од животот во минатото, објаснува.

  • Тоа не е само место каде што се закопуваат луѓето, туку и каде се здружуваат заедниците. Тие (на гробиштата) ги погребуваат своите мртви, но служат и за други облици на активност и општествена практика, вклучувајќи јадење, пиење и прослави.

Во еден од гробовите е пронајдено ситно парче стакло увезено од Франција

На местото било пронајдено и парче стакло.

Тоа е чинија во облик на корнет за сладолед, со скршен раб, направен од многу фин материјал, многу фино стакло… навистина убаво откритие, вели Seaman.

Посочува дека потекнува од околината на Bordeaux, Франција, и тоа не е единствениот увезен предмет. Тимот пронашол и парчиња керамика веројатно од Северна Африка.

Квалитетот на овие наоди сугерира дека овие луѓе биле со висок статус.

Tudur Davies од University of Cardiff вели:

Доказите што ги имаме укажуваат дека овие луѓе имале пристап до увезени стоки со многу висок квалитет, кои можеле да се добијат само преку трговија или размена со луѓе со големо богатство.

  • Кои се овие луѓе што се закопани овде?, прашува тој.

Тимот смета дека има околу 70 гробови на локацијата – 18 се целосно ископани досега

Потребни се дополнителни истражувања за попрецизно датирање на гробиштата, а ДНК анализата ќе каже повеќе за скелетите.

Гробиштата ќе дадат слика за секој поединец и заедницата како целина, помагајќи да се расветли ерата за која сè уште многу малку се знае.

Но, добивањето одговори на прашањата за тоа кој всушност живеел и умрел на тоа место може да потрае многу подолго.