Дали противникот на „Преспанскиот договор“ и на „заканите од ЕУ“ Живко Попов ќе продолжи по стапките на Коцарев?

Собранието на Македонската академија на науки и уметности денес го избра новиот состав на Претседателството на МАНУ за периодот 2024 – 2027 година. Како нов претседател на Македонската академија на науки и уметности е избран урологот и трансплантациски хирург академик проф.д-р Живко Попов. Мандатот на досегашното Претседателство и на претседателот Љупчо Коцарев им завршува на 31 декември годинава.

Дали Живко Попов, противникот на „Преспанскиот договор“ и на „францускиот предлог“ и критичар на „обезличувањето на македонскиот народ“ и „заканите од ЕУ“, ќе продолжи по стапките на Коцарев?

На 5 јули 2022 година името на веќе сегашниот претседател на Македонската академија на науки и уметности Живко Попов беше меѓу близу 200-те јавни личности, академици, професори, историчари, правници, писатели, уметници, економисти и други јавни личности и интелектуалци, кои му се обратија на Стево Пендаровски со „Порака до претседателот на Републиката“, изнесувајќи ги тогаш своите погледи во врска со таканаречениот „француски предлог“.

Во таа реакција на македонската интелигенција беше нагласено: „Претседателе Пендаровски, вие лично со Димитар Ковачевски, претседателот на Владата, му ставивте на вратот на македонскиот народ француски огламник, ултимативна спогодба меѓу Македонија и Бугарија. Огламник-јарем, што во иднина треба да го носат Македонците, под диктат на Бугарија. Целта е обезличување на македонскиот народ пред да влезе во европскиот дом на народите. Вие претседателе, заборавивте плиткоумно, лекоумно, кој ве избрал во мај 2019 година: Македонскиот народ и граѓаните на Македонија!“

„Ние, Македонците сега сме турнати во историска бездна, за да бидеме избришани од картата на Европа и светот. Во ова политичко ‘злокобно време’, време на 21 век, не смеете да бидете актер во политичко ништење на македонскиот народ и држава. Вие сте дел од извршната власт на македонската држава, уставно сте повикан да ги спречите погубните политики на Владата.“

Кон крајот на август 2018 година академикот Попов го стави својот потпис меѓу вкупно 45-те македонски и странски интелектуалци и на „Отвореното писмо“, со што тој го искажа на тој начин своето спротивставување и на „Препанскиот договор“.

Во тоа „Отворено писмо“ тогаш беше укажано: „Преспанскиот ‘договор’ е негација на уставниот суверенитет на Република Македонија. Конструкцијата на идентитетите не е работа за која било Влада. Македонија е подложена на арбитрарен меѓународен инженеринг против волјата на нејзиниот народ. Новото име е наменето да се употребува не само во меѓународните односи, туку и во внатрешниот правен поредок. Атрибутот ‘македонски’ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. За изучувањето на историјата ќе одлучуваат владини тела, а не научните работници. … Токму Грција е најдобриот доказ за тоа што произведуваат меѓународните диктати на европската периферија.“

Новиот претседател на Македонската академија на науки и уметности Живко Попов ги има изнесено своите критички ставови против ударите врз постоењето на македонската држава и на македонскиот народ со неговиот македонски идентитет и во заедничката колумна со архитектот Вангел Божиновски, објавена на 24 април 2017 година во порталот „Курир“. Изразувајќи тогаш „голема поддршка на граѓанското движење ‘За заедничка Македонија“, Попов има посочено заедно со Божиновски: „Наместо почит, Македонија добива закани од ЕУ. Ова сценарио е за разнебитување на Македонскиот народ, ако не сме заедно ќе не нема, ќе ја нема ни Македонија, ќе ја крстат како што сакаат…“