Европа
(Видео) Зеленски првпат зборуваше за украинските жртви: „Десетици илјади беа убиени…“
Замената на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, е резултат на ресетирање на военото раководство, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за каналот „Фокс њуз“. Зеленски разговараше со американскиот водител на „Фокс њуз“, Брет Баер, на една од локациите во близина на линијата на фронтот во Харков.
Одговарајќи на прашањето зошто се разрешени врховниот командант на армијата, Валериј Залужни, и остатокот од раководството на украинските вооружени сили, Зеленски рече дека станува збор за ресетирање, реструктуирање и промена на раководството на воената команда.
„Мораме да бидеме побрзи. Тоа значи да се ослободиме од целата бирократија што ја имаме. Во спротивно, нема да имаме шанси“, изјави тој за „Фокс њуз“.
Зеленски нагласи дека „мора да бидеме паметни, технолошки поопремени и, се разбира, брзи“.
„Времето е пари, но во нашиот случај тоа не се пари, тоа се луѓе, животи на луѓе“, додаде тој.
Зеленски беше прашан и за доделувањето на титулата херој на Украина на Валери Залужни и дали тоа значеше континуирана поддршка на генералот за политиката на претседателот или потенцијална промена кон опозицијата. Претседателот одговори дека тоа е избор на самиот Залужни.
„Тој го бранеше нашиот народ, нашата земја. Затоа му ја доделив титулата херој на Украина. Многу сум му благодарен“, изјави Зеленски.
Новинарот на „Фокс њуз“ го праша украинскиот лидер дали знае колку Украина загуби во оваа војна.
„Знаеме дека загинаа неколку десетици илјади луѓе. И десетици илјади деца беа депортирани, знаеме за тоа“, рече Зеленски.
„Односот е еден спрема пет. За еден убиен украински војник, има пет убиени руски војници“, додаде тој. Во текот на изминатите неколку месеци во украинските медиуми редовно се појавуваа шпекулации за конфликтот меѓу Залужни и Зеленски и за намерите на претседателот да го смени врховниот командант.
Зеленски на 8 февруари објави разрешување на врховниот командант на вооружените сили на Украина. Во објава на социјалните мрежи Зеленски изјави дека се сретнал со Залужни и му изразил благодарност за двегодишната одбрана на Украина. Се разговараше за неопходното обновување на вооружените сили и се разговараше за потенцијалните кандидати за влез во обновеното раководство на вооружените сили.
Зеленски побарал од Залужни да остане дел од тимот, но тој наводно одбил. Кога потврди дека е отпуштен, Залужни објави: „Задачите во 2022 година се разликуваат од оние во 2024 година. Затоа сите мора да се сменат и да се приспособат на новата реалност за да победиме заедно“.
Залужни беше заменет со Олександр Сирски, кој командуваше со украинските сили, кои успешно ги бранеа Киев и Харков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.