Никој нема да остане рамнодушен при посета на манастирот Острог, кој е уникатен по севкупниот амбиент, изграден на висока надморска височина, длабоко во карпа, во живописната Црна Гора. Најчесто посетителите одат со една цел, душевно и телесно исцелување, но и да примат манастирска сила и енергија од моштите на светецот Василиј. Веруваат дека со негова силна моќ ќе им се олесни секојдневниот живот, ќе им донесе здравје и берикет во семејството, особено на младите брачни парови кои едвај чекаат да му се израдуваат на своето потомство. Меѓу верниците се пренесуваат оригинални приказни дека при посетата во острошкиот манастир се случуваат чуда и исцеленија. Секој е добредојден во манастирот Острог што има добра мисла, вера во бога, надеж за подобро утре и љубов за сите

Валентина МАРЈАНОВИЌ

Едно од најпосетуваните православни светилишта на Балканот е манастирот „Свети Василиј Острошки“, посветен на овој светец. Сместен е на уникатно место, во планина, на карпа, на околу  900 метри надморска височина, меѓу градовите Никшиќ и Подгорица. Голема карпа се вика Острошка Греда и се наоѓа на нешто повеќе од 400 километри одалеченост од Скопје, во убавата Црна Гора. Острог е едно од најпопуларните место за поклонение на Балканот, каде што годишно има посета од над 100.000 верници од цела Европа и Светот. Посетителите веруваат дека моштите на свети Василиј имаат чудотворна моќ, дека лекуваат разни болести. Овој податок е запишан во реликвијата во Долната црква, која е дел од манастирскиот комплекс.

Луѓето често прашуваат дали секој смее да влезе во манастирот, без да се најави, едноставно кога душата ќе му посака. Да, сите се добредојдени, оти се смета дека светецот те повикал и треба да му се поклониш. Вратите се ширум отворени за секој еден кој ќе ги почитува правилата на однесување на манастирот, доколку пристапи со чисто срце. Во Острог секој може да доживее исцелување на својата душа со божја милост, само да се има добра мисла, вера во бога, надеж за подобро утре и љубов за сите.

Големото светилиште, од весникот ВЕЧЕР го посетивме неодамна, еден убав априлски ден, необично топол, сончев, некарактеристичен за овој период од годината. Патувавме до овој манастирски комплекс неколку часа, по модерен пат што води од Скопје, преку Косово, Албанија, а кај Скадарско Езеро влеговме во Црна Гора. Потоа патот ве води кон главниот град на Црна Гора, Подгорица, а од таму кон Даниловград.

Кога пристигнавме во Даниловград, веќе бевме во подножјето на планината, каде што се наоѓа нашата крајна дестинација – Острошкиот манастир. Од ова мало, убаво гратче до манастирот се движевме по тесен планински пат. Последните неколку километри пред самиот црковен објект се со изразити кривини, коишто ви навестуваат дека се доближувате до височините. Токму по овој кривулест пат некои од верниците одат пеш, со боси нозе, оти тоа за нив има симболика – почит кон светецот.

И во еден миг, исто како на фотографиите го гледам манастирскиот комплекс –Острог. Ме обзема чудно, возвишено чувство. Добиваш впечаток дека си блиску до облаците и дека ќе ги допреш. Пред влезот на Острог има паркинг, пол со возила со регистарски таблички од разни градови и земји, а меѓу нив и ние од Македонија. Стотици луѓе беа дојдени со своите семејства и пријатели за да ги пренесат своите тајни чувства до светец, да се помолат со желба  за добро здравје, среќа, мир во душата…

Во манастирскиот круг беше необично тивко, секој од присутните додека зборуваше како да шепотеше. Забележав дека има цели семејства со мали дечиња, некои беа и доенчиња, но сите како да беа опиени од мирот и тишината и не се слушаше нивниот детски глас, ниту пак плач. Како да претчувствуваа дека се на некое небеско место, во некоја трета димензија, во некоја безвременска состојба, меѓу јавето и сонот.

Секој е добредојден во манастирот Острог што има добра мисла, вера, надеж за подобро утре и љубов за сите

Секој посетител на манастирот прави свој ритуал. Едни на ливчиња хартија ги пишуваат своите желби, нивните имиња, но и имињата на најблиските за да монасите во утринските молитви ги прочитаат и му се помолат на Василиј за помош, за божја милост. Други, пак, палат свеќи за здравје, за живите, но и за покој на умрените. Традиционално се добива и света вода и свето масло.

Од манастирот, од високо има извонреден поглед на рамнината Бјелопавлиќи, каде што тече реката Зета. Погледот ти нуди бескрајна широчина, чист воздух исполнет со мирис на босилек, темјан, зелена трева  и расцутени шумски цвеќиња. Тишината, мирот и зеленилото се спојуваат во една целина.

Кога ќе си заминеш од ова свето место, за миг како да занемуваш, сакаш да кажеш нешто, но не можеш, грлото ти се стега. Восхитот што е во тебе не се смирува, се прашуваш дали навистина си бил таму. Затоа секој човек, патник, верник, сите волшебни моменти најдобро е лично да си ги доживее, оти секое поклоненичко патување носи нова сила и позитивна енергија. Оние што биле дел од ова искуство, велат дека некоја чудна сила, како да ги тера повторно да се вратат. Секој е добредојден во манастирот Острог што има добра мисла, вера, надеж за подобро утре и љубов за сите.

Манастирот секоја година празнува на 12 мај, тоа е денот на Свети Василиј Острошки, светител и чудотворец. Токму на тој ден  секоја година се собираат од десет до 20.000 луѓе. Годинава 12 мај е во недела, неработен ден и се очекува да има многу посетители од сите страни на светот.

Историја за почит и за восхит

Историјата вели дека во 17 век, манастирот го основал Василије, кој тогаш бил митрополит, епископ на Херцеговина. Василиј е роден во сиромашно семејство, во селото Мркоњиќ, во Херцеговина. Животниот пат го одвел на ова живописно место, каде што во карпа ги градел двете цркви и монашките ќелии повеќе од 15 години. Останал до крајот на животот, каде што и се упокоил во 1671 година. Од тогаш до денес, стотици години неговото тело се чува во пештерската црква.

Василиј од најраните денови од животот бил исполнет со љубов кон црквата и народот. Уште додека бил жив  народот го сметал за голем праведник и светец и му оддавал почит. Таа почит ете не застанува ни до денешен ден, за што и ние од весникот ВЕЧЕР, бевме сведоци при нашата посета.

Кога умрел Василиј, над карпата покрај која тој почива израснала лоза. Седум години по неговата смрт, како што раскажуваат монасите, Свети  Василије на игуменот Рафаил трипати му се јавил на сон. По третиот сон бил отворен неговиот гроб. Телото на светителот било непроменето и мирисало на босилек. Од тогаш е префрлен во црквата „Вовед“, каде што почива и денес, каде што луѓето му се поклонуваме и го замолуваме за земска радост.

Денешниот изглед  манастирот  го добил во периодот од 1923 до 1926 година, кога претрпел измени бидејќи бил опожарен. По пожарот останале само црквите кои биле во карпата. За среќа двете мали пештерски цркви не биле зафатени од пламените јазици. Горниот манастир го сочинуваат две мали пештерски цркви: црквата Вовед каде што се наоѓа житието на Свети Василиј и црквата Светиот крст, која била изградена во 1605 година од јеромонах Исаило.

Црквите имаат живописни фрески, кои се приспособени на природниот облик на карпите. Од влезот во горниот манастир до црквата Вовед, каде што е телото на Василиј Острошки,треба да се искачите по 77 скалила. И  втората црква, која е посветена на Светиот крст, исто така е сместена во една пештера на горниот степен на манастирот. Околу оваа црквата се наоѓаат монашките резиденции, кои заедно со црковната зграда и пределот го прават овој споменик извонредно оригинален, историски и велелепен.

Долниот манастир е изграден во 1820 година на надморска височина од 800 метри. На влезот во манастирот се наоѓа црквата Св.Тројица, која датира од 1824 година. Во една од манастирските цркви има место каде што се оставаат имиња на лица, кои се читаат за здравје во утринските литургии.

Помеѓу црквата „Великомаченик Станко“ и Долниот манастир се наоѓаат манастирските конаци. Во рамките на Горниот манастир има и манастирска продавница, пред која секогаш има редици луѓе, секој сака да купи сувенир што ќе ги потсети на ова свето место. Таму се зема и света вода и свето масло за кое се верува дека е лековито. Има и простор каде што се палат свеќи за здравје за живите, но и за спокој на мртвите.

Црквата „Великомаченик Станко“ е изградена во 2003 година, во чест на храбриот овчар Станко Алексиќ. Во оваа црква се зачувани неговите храбри раце, оти приказната вели дека Станко иако бил мачен и убиен од Турците, не кажал каде се кријат моштите на светецот Василиј.

Локацијата каде што почива свети Василиј заштитена од УНЕСКО

Локација каде што почина свети Василиј, како и црквата „Светиот крст“ со своите оригинални фрески од 17 век, нацртани на карпа се прогласени за вредно културно богатство на УНЕСКО. Ова уникатно црковно богатство останало негибнато и за време на Втората светска војна, иако било неколкупати бомбардирано. На црквата паднала и граната, која за среќа не експлодирала, иако претходно ја пробила оградата и ѕидот на црквата „Свети крст“.

При влегување во манастирот, со години се претпочита кодекс на облекување – жените треба да носат здолништа и шалови, а мажите да носат панталони и кошули со долги ракави. Приврзаниците на добрата волја носат и подароци на монасите, а тоа може да биде кафе, шеќер, масло … тие се оставаат на посебно место во плетени кошници, како доброволни прилози.

Од манастирот Острог не смеете да земете ништо, ниту камен, ниту цвет

Постои едно старо правило кое се почитува меѓу народот, кое вели дека од манастирот Острог не смеете да земете ништо, ниту камен, ниту цвет. Верниците можат да земат осветена вода и масло од кандилата во манастирската продавница.

Според легендата, свети Василиј секоја вечер го посетува манастирот, па наутро монасите наоѓаат црни дамки на чорапите на светителот. Затоа верниците кои често одат по Острошкиот пат, на светителот му носат и плетени волнени чорапи. Верниците носат и работи на блиски луѓе кои не можат да го посетат светилиштето и ги оставаат да преноќат покрај ковчегот. Потоа ги носат кај најблиските.

Голем број верници кога тоа го дозволуваат временските услови, спијат надвор, пред манастирот, под ведро небо. За сите нив од монасите се обезбедени ќебиња. Нивното искуството вели дека  спиењето под отворено небо на Острог е нешто навистина посебно и топло го препорачуваат.