Чешкиот претседател Петр Павел: Украина треба да биде подготвена за најлошото, дури и територијални отстапки

Новоизбраниот претседател на Чешка, Петр Павел, во своето обраќање ја коментираше војната во Украина, велејќи дека нејзиниот крај не е ни блиску, а Украинците ќе бидат принудени „на најлошо“.

„Лесно им е на другите да им кажат на Украинците да се борат до последната капка крв. Лесно е, но тоа е ваша крв, а не наша“, рече Павел.

Павел, кој е поранешен генерал на НАТО алијансата, рече дека огромното мнозинство западни лидери се прилично оптимисти за перспективите на Украина во војната против Русија.

„Бев донекаде изненаден од силата на отпорот што Украинците му ја пружија на агресорот. Прво, немав поим дека Русија може да нападне, бидејќи сите анализи укажуваа дека тоа нема да биде во нејзин национален интерес“, рече тој.

„Всушност, тоа е најлошата можна одлука на претседателот Путин од тој аспект, но очигледно тој мислеше поинаку. Веројатно очекуваше дека украинската страна нема да биде толку силна и решителна и дека Западот нема да биде обединет во својот одговор. Мислеа дека Русите се најдобрата и најдобро опремена војска во светот“, образложи Павел, додавајќи дека не ја разбира одлуката на Русија да изврши инвазија.

На прашањето дали Западот навистина ќе ја поддржува Украина колку што треба, иако војната може да трае долго, Павел вели дека треба да се има надеж за најдоброто, но треба да се биде подготвен и за најлошото.

Неговата прогноза е дека војната речиси сигурно нема да биде завршена оваа година и дека може да се претвори во замрзнат конфликт.