Самоволие и незаконитост во Министерството за правда и при основањето на Коморота за вештачење и изборот на нејзиниот шеф?!

Ниту на еден месец пред одржувањето на парламентарните избори, сѐ уште владејачка структура, се чини, не престанува со своите жестоко критикувани навики практикувани изминатите седум години. Продолжуваат самоволието, непотизмот и бруталната партизација на администрацијата што резултира со непрофесионалност на штета на институциите коишто, нели, треба да бидат сервис на граѓаните. Впрочем, таква е констатацијаа на Фридом Хаус во извештајот објавен претходно месецов цо кој Македонија се категоризира како „цикличен режим“, односно се нотира разочарувањето од продолжувањето на практиките на лошото владеење и земјата ја става во категоријата за којашто е впечатливо дека е „комбинацијата на политички плурализам и површни институционални промени“.

И во тоа, како што стојат работите, во последниот период предничи Министерството за правда. Пред малку повеќе од еден месец, имено НетПрес пишуваше за продолжение на беззаконието и самоволието во овој ресор, потврден во случајот на невиденото брзо напредување на Арбреша Селими по само еден месец од вработувањето во Министерството. Но, според нашите извори, самоволието и незаконското работење на министерот Кренар Лога, и на неговиот кабинет, деновиве уште еднаш дошло до израз, и тоа при основањето на Комората за вештачење и изборот за нејзин претседател на д-р Виктор Исјановски, кадар на СДСМ директор на Здравствениот дом-Скопје, но и уште десетмина членови на оваа комора.

Имено, како што наведуваат соговорниците на НетПрес, дали министерот за правда по неколку месеци и со тоа спротивно на член 66 став 1 од Законот за вештачење свикал Основачко собрание на Комората за вештаци на ден 10.04.2024 година. Притоа, според нив се забележуваат две дубиози. Прво, министерот Кренар Лога демонстрирал непочитување на Законот за вештачење кој предвидува дека Основачко собрание министерот ќе свика најдоцна во рок од три месеца од стапувањето во сила на законот, којшто, инаку, влегува во сила на ден 28.07.2023 година, што значи дека Министерот го свикал  Основачкото собрание дури по шест месеци од законскиот рок! И, второ, првиот датум за свикување на Основачко собрание е државен празник со што покажале непочитување на еден значаен датум и воопшто непознавање на датуми кои со закон за определни за државни празници. Затоа, на веб страницата поставиле втор повик со нов датум – 15.04.2024 година! Соговорниците, така коментираат дека досега во историјата на Министерството за правда, не се случило толкаво незнаење, толку кршење на законите и тоа од самото министерство кое ги подготвува законите и истите треба да ги почитува.

Соговорниците велат дека „случајот“ се развива од моментот кога министерот за правда Кренар Лога, спротивно на член 65 став 1 од Законот за вештачење поставил за раководители и заменици на професионални одделенија лица кои воопшто не се пријавиле на повикот од министерството и не доставиле свои податоци што претставува услов за нивно именување во раководители и заменици.

Имено, според приложеното, член 65 став 1 гласи: „Во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон, сите вештаци со важечка лиценца за вештачење се должни по електронски пат да достават до Министерството за правда, свои податоци, и тоа: име и презиме, адреса на живеење, телефонски број и регистарски број на лиценца, заради нивно групирање во професионални одделенија во согласност со член 32 од овој закон“.

Од овие тврдења се наметнуваат прашањата, кои НетПрес и ги упати до Министерството за правда, дали министерот постапил согласно одредбите од Законот за вештачење и тоа: член 65 став 2 кој утврдува обврска на министерот да ги формира професионалните одделенија и да постави нивни раководители и заменици, како и дали министерот Лога согласно овој член од законот определил претставник на секое одделение кој ќе учествува на Основачкото собрание и гласа? Дали претседателот на Комората за вештаци е избран само од 15 раководители на професионални одделенија, а државниот советник Арбреша Асани која го водела целокупниот процес и ги водела сите разговори го известила министерот Лога дека треба да делегира по еден претставник од секое професионално одделение и заедно со раководителите на Основачкото собрание да го изберат претседателот на Комората?

Меѓутоа, велат нашите извори, Лога не се запрел само на тоа и продолжил, како што сметаат тие, да го крши Законот за вештачење од само нему познати причини. Така, повторно спротивно на член 65 став 1 од Законот за вештачење, поставил за раководители и заменици на професионални одделенија лица кои воопшто не се пријавиле на повикот од министерството и не доставиле свои податоци што претставува услов за нивно именување во раководители и заменици, односно вкупно единаесет лица? Од 18 назначени раководители и заменици, како што тврдат соговорниците, 11-мина се незаконски поставени од страна на министерот. И притоа го поставуваат прашањето на што се должи таквото очигледно свесно незаконско постапува на министерот Лога – дали станува збор за коруптивно однесување или за лични или партиски интереси, а за тоа велат ќе биде известена Државната комисија за спречување на корупција.

Всушност, во овој случај круцијалното прашање е: дали и зошто министерот за правда Кренар Лога постапил спротивно на одредбите од Законот за вештачење и тоа: член 65 став 2 кој утврдува обврска на Министерот да ги формира професионалните одделенија и да постави нивни раководители и заменици и, второ, да определи претставник на секое одделение кој ќе учествува на Основачкото собрание и гласа? Зошто министерот за правда не изготвил список преку своите доверливи кадри во кабинетот и со тоа целата постапка за избор на претседател е незаконита.

Вака, посочуваат соговорниците запознаени со конкретниот случај, претседателот на Комората за вештаци е избран само од 15 раководители на професионални одделенија, а државниот советник Арбреша Асани која раководела со целокупниот процес и ги водела сите разговори „заборавила“ да го извести Министерот дека треба да делегира по еден претставник од секое професионално одделение и заедно со раководителите на Основачкото собрание да го изберат претседателот на Комората.

Тие, исто така, имаат одредени сознанија, за кои НетПрес исто така со прашање се обрати до Министерствово за правда, дека Лога пред одржување на Основачкото собрание наводно имал претходни средби во неговиот кабинет со избраниот претседател др. Виктор Исјановски, преку партиски канали на Алијанса за Албанците?!

За секој од претходно споменатите наводи барање за коментар побаравме од Министерството за правда.

Соговорниците притоа не информираат дека во тек е подготовка на материјал за тоа колку лиценци за вештачење се издадени во мандатот на министерот Кренар Лога, за спроведување на постапката, за пропишаните услови и почитувањето на законот. Притоа, очекуваат сериозна истрага и откривање на, според нив, запрепастувачки сознанија.