На својот фејсбук профил професорот Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички отворени градби и климатски промени (ИСОГКП) објави дека мостот „Беласица“ успешно го издржал товарењето и дека е спремен да биде пуштен за сообраќај и за тешки товарни возила.

– Битката за мостот „Беласица“ падна, мостот „Беласица“ не падна – напиша Гаревски на фејсбук.

Во саботата беше направена последна проверка за стабилност на мостот кој беше опожарен пред една година. На мостот се правеше втора проверка преку товарење со статички и динамички товар, за што беа поставени шест камиони со вкупна тежина од 208 тони, поставени еден до друг во средина на централниот распон на мостот. Мерните екипи ги следеа сите параметри додека на мостот беа паркирани натоварените камиони, нешто што во пракса и не се очекува дека може да се случи.

Од Град Скопје изјавија во саботата дека од резултатите ќе зависи дали мостот ќе биде пуштен целосно во употреба, односно сите четири ленти.

– По завршувањето на мерењата и добивање на извештај од мерењата доколку се задоволени дозволените параметри, мостот ќе се пушти во целосна употреба во сите четири ленти – велат од Град Скопје.

Потоа останува ЕСМ да ги постави новите топловодни цевки кои веќе подолго време стојат покрај мостот. Инаку, мостот „Беласица“, лани во мај, целосно беше затворен за сообраќај по пожарот кој изби на тополоводните цевки кои спроведуваат топлинска енергија од „Те-То“ кон делови на населбата Аеродром.

(С.Бл.)