ММФ предвидува глобален економски раст од три отсто

16

Се предвидува дека силната економска активност во САД и пазарите во развој ќе помогне да се поттикне глобалниот економски раст за околу три отсто оваа година, изјави управниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева. Таа истакна дека, според претходните мерења, економската активност во светот е слаба, како и дека долгот расте, што претставува големи предизвици за јавните финансии во многу делови од светот, пренесе АП. Најавувајќи ја економската проекција и долгорочните перспективи, Георгиева посочи дека без корекција на курсот, ситуацијата ќе се движи кон „млака, бавна и разочарувачка деценија“.

„Лузните од пандемијата се уште се кај нас, загубата на производството од 2020 година на глобално ниво е околу 3.300 милијарди долари, а трошоците несразмерно ги погодуваат најранливите земји“, рече Георгиева.

Предвидената стапка на раст од најмалку три отсто е над минатогодишната проекција, но историскиот просек е 3,8 отсто, пренесува Танјуг. ММФ и Светска банка ќе ги одржат своите пролетни состаноци следната недела во Вашингтон, каде што министрите за финансии, централните банкари и креаторите на политики ќе разговараат за најитните економски прашања во светот. Овој годишен собир ќе се одржи во време кога неколку конфликти, како што се војните во Украина и Газа, ја загрозуваат финансиската стабилност во светот, забележува агенцијата.