Без проблеми се одвива гласањето во домашни услови за болните и изнемоштени лица, во Штип пријавени 158

83 годишната Гордана Пикова од Штип денеска гласаше во домашни услови, затоа што така налага нејзината здравствена состојба. Првпат гласа дома, вели пред камерите на М-Нет телевизија, но децидна е дека правото на глас треба да го искористат сите.

„Родена сум 1941 година, имам 83 години. Од 1991 година секои избори гласам. Прв пат гласам во домашни услови бидејќи не можам да одам.“ – вели Пикова.

Во меѓувреме, на територија на Штип гласањето во домашни услови започна навремено и се одвива без проблеми. Се посетуваат старите и изнемоштени лица кои во предвидениот рок се пријавиле да гласаат дома, а воедно ги исполниле и потребните услови.

„На нашето гласачко место има пријавено 10 стари и изнемоштени лица кои денеска треба да ги посетиме за да го остварат своето право на глас. Моментално се наоѓаме на една од локациите. Ние сме во полн состав, претседател и членови. Како за почеток оди добро“ – вели Антоловиќ.

На територија на Општина Штип денеска гласаат 158 пријавени болни и изнемоштени лица. Во своите домови на теритроија на државата гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани, кои се пријавиле како болни или немоќни.

Лаура Стојанова М-Нет