Карикатура: „Нова Македонија“

Неодамна амбасадорите на членките на Европската Унија (ЕУ) едногласно ги усвоија дополнувањата и измените во поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија. Овие измени се однесуваат на обврските за Србија што произлегоа од потпишаните договори со Косово минатата година, најпрво во Брисел, а потоа и во Охрид. Ваквата одлука е потврда дека, кога сакаат, 27 земји членки без никаков проблем можат во еден ден да седнат и да изгласаат промена на преговарачката рамка

Брисел продолжува со (своите двојни) европски стандарди

Уставните измени и натаму го преокупираат дискурсот на претседателската кампања како главен лајтмотив во наративите што ќе ја придвижи државата напред или што ќе ја врати назад, а промена на вокабуларот не се очекува и по вчерашниот официјален почеток на кампањата за парламентарните избори.

Не може – може теоретски натегања за можност за промена на преговарачката рамка, а праксата вели дека е – менлива!

Главниот наратив на поборниците за уставни измени е дека „преговарачката рамка е утврдена и не е можно да се промени“, односно дека „е невозможно да се убедат сите 27 земји членки да изгласаат промена“. Од друга страна, заговорниците за репреговарање на рамката за преговори со ЕУ, пак, сметаат дека „ништо не е изделкано во камен и дека дури и преговарачката рамка може да претрпи извесни промени во интерес на евроинтеграцијата на земјата и во насока на затоплување на македонско-бугарските односи и враќање на меѓусебната доверба“!
Да биде апсурдот уште поголем, Европската Унија веќе извесен период кога станува збор за Македонија упорно повторува дека не е можна промена на преговарачката рамка, но уште еднаш ги потврди сопствените двојни стандарди, па експресно ја промени преговарачката рамка за Србија.
Имено, неодамна амбасадорите на членките на Европската Унија (ЕУ) едногласно ги усвоија дополнувањата и измените во поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија. Овие измени се однесуваат на обврските за Србија што произлегоа од потпишаните договори со Косово минатата година, најпрво во Брисел, а потоа и во Охрид. Ваквата одлука е потврда дека, кога сакаат, 27 земји членки без никаков проблем можат во еден ден да седнат и да изгласаат промена на преговарачката рамка.
По одобрувањето на евроамбасадорот, Србија писмено ќе биде информирана за измените и дополнувањата на преговарачката рамка.

Тој што ја донел, може и да ја промени преговарачка рамка

Клучното прашање што се наметнува во јавноста е дали дефинитивно постојат двојни стандарди во односот на Брисел кон Македонија или, пак, во прашање е нешто друго. Тезата дека е невозможно да се промени преговарачката рамка едноставно падна во вода, особено ако се има предвид дека две страни, во нашиот случај Македонија и Бугарија, можат во секое време да седнат и да договорат промени на некои детали во интерес на унапредување на меѓусебните односи, а Брисел може само со обично гласање, како што беше направено за Србија, да ги верификува промените во рамките на постојната преговарачка рамка, но и да донесе нова, доколку има потреба.
Дел од соговорниците со кои разговаравме за ова прашање, сметаат дека ЕУ, доколку сака, може да ја промени преговарачката рамка во секое време, особено ако за тоа постигнат договор Македонија и Бугарија.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов нема никаква дилема дека може да се промени преговарачката рамка, а негов став е дека ЕУ треба самата да иницира промена на рамката, која воопшто не е европска и е целосно непринципиелна.
– Апсолутно е можна промена на преговарачката рамка. ЕУ ја носи, може да ја измени, да ја укине, да ја преиначи, така што Брисел не може да има двојни критериуми, за неполни 3.000 луѓе што се чувствуваат како Бугари во Македонија да се менува нашиот устав, а за десетици илјади Македонци во Бугарија да не може да се промени тамошниот устав. Се прашувам како воопшто е примена Бугарија во ЕУ со такви критериуми? Бугарскиот устав не признавал малцинства, каде го има тоа? Секако дека може да се промени рамката и треба да се промени. Нека ги внесат тие Македонците во нивниот устав, има толку пресуди од Европскиот суд за човекови права и ниту една пресуда не е реализирана. Да не заборавиме, Бугарија е членка на ЕУ, бара права за Бугарите надвор, а самата не ги почитува правата на малцинствата дома. Тоа е апсурд. Не само што може да се промени преговарачката рамка туку може да се донесе и целосно нова рамка – вели Јањатов.
За него извор на сите проблеми меѓу двете земји е брзоплето потпишаниот Договор за пријателство и соработка во 2017 година.
– Треба да го поништиме тој договор и да направиме нов европски договор, принципиелен. Како може да се смени рамката за Украина и Молдавија? Треба Македонија да го анулира договорот со Бугарија, да се тргнат тие формални пречки и тогаш да се направи нова рамка, критериуми што ќе важат за сите, ако ништо друго, нека важат критериумите што важеле за Бугарија. Ете, така нека гласи нашата рамка, како што преговарала Бугарија, така и ние. Новото Собрание треба да го тргне тој договор и да почнеме од нула, сме чекале толку, ќе почекаме уште малку. Принципиелноста е многу битна, а токму таква преговарачка рамка ни е потребна, базирана на европските принципи што важеле за сите земји членки. Ако Европа има трајни вредности, тогаш да биде принципиелна кон сите земји, така и кон Македонија. Не смее да има двојни критериуми – заклучува Јањатов.

Фото: „Нова Македонија“

Ако Македонија и Бугарија се договорат, ЕУ треба да го формализира договореното

И другите соговорници сметаат дека нема никакви пречки да се промени преговарачката рамка ако Македонија и Бугарија се договорат како да надминат одредени проблеми, кои очигледно ги обременуваат односите меѓу двете земји.
– Бугарија е во константна политичка криза неколку години, во јуни таму има избори, така што не се знае која политичка гарнитура ќе дојде на власт. Можеби ќе дојдат луѓе што ќе сакаат да ги слушнат македонските забелешки, можеби и таму постои незадоволство од конфронтацијата што непотребно се направи меѓу двете општества, така што мислам дека е потребно да се направи обид да се седне и да се поразговара, односно да се фокусираме на точките што нѐ зближуваат. Потребно е да се фокусираме на градење инфраструктура за поврзување, за зголемена економска соработка, но и секаква друга соработка на сите полиња. Бугарија да ни помага во евроинтеграциите и тоа треба да стои во преговарачката рамка, а не прашања за јазикот и историјата. ЕУ тоа не го разбираше, како што кажуваше бугарскиот претседател Радев, така што нема зошто ЕУ да не ја промени преговарачката рамка ако Македонија и Бугарија побараат фокусот на македонските преговори да бидат Копенхашките критериуми, а Бугарија да лобира во насока процесот на отворање и затворање на поглавјата за Македонија да тече побрзо. Таква рамка ни треба, вистинска, европска, во која добива Македонија, но добива и Бугарија, поточно добиваат народите од двете страни на границата, кои непотребно некој се обидува да ги конфронтира – посочуваат соговорниците.
Според нив, ЕУ наместо да повторува дека не е можна промена на преговарачката рамка за Македонија, а потоа да ја менува за Србија, треба малку да биде повнимателна во давањето вакви изјави.
– Неодамна евроамбасадорот во земјава рече дека биле неосновани забелешките и перцепцијата дека ЕУ имала двојни стандарди кон Македонија, но еве, се покажува дека чувството кај граѓаните било исправно. Секој ден Брисел повторува дека не е можна промена на преговарачката рамка, а ја смени за Србија. Претходно ја смени и за Црна Гора. Дополнително, отвори преговори со Украина и Молдавија, кои во согласност со европските критериуми не ги исполнуваат условите. Јасно е дека се работи за геостратегиски одлуки, но не може да се кажува дека нешто не можело исклучиво кога се работи за Македонија. Тоа не е фер и македонските граѓани отсекогаш имале реален пристап кон состојбите, така што нивната перцепција дека земјава е обесправена е сосема на место – заклучуваат соговорниците.