„Дај, не фрлај!“ слави 7 години!

Денес, на 24.11.2023 година групата „Дај, не фрлај,“ слави 7 години. По тој повод ви подготвивме едно видео:

Групата е отворена на 25 ноември 2016 година на Black Friday, како негов контрапункт. Тогаш напишавме:

Имаш работи кои ти стојат по дома, во подрум или во гаража, а не ти требаат. Количка за бебе, велосипед, кондури, облека, играчки… Наместо да ги фрлиш или однесеш работите кои не ти требаат таму каде што нема да знаеш до каде ќе стигнат, објави ги во оваа група и тој на кој што му требаат ќе може да си ги пронајде сам.

Да изградиме општество во кое подарувањето е примарно, а купувањето секундарно. Да ја кренеме довербата помеѓу луѓето и чувството дека некој што не го познаваме, а живее во иста држава со нас навистина се грижи за нас. Да ја урнеме потрошувачката парадигма која што владее со сите нас.

Ако сте биле активни на Фејсбук во 2016-та година и сте биле член на „Дај, не фрлај“ тогаш се сеќавате на породилните маки на оваа група. Тогаш имаше многу неразбирање на тоа што претставува таа, но некако со големо вложување од страна на админите тоа се надмина и групата денес функционира речиси сама, по инерција и без многу чкрипење.

„Нашата цел беше групата да прерасне во движење и во епоним за подарувањето,“ велат основачите и додаваат дека делумно ја оствариле целта. Уште од почеток тие ги мотивираа членовите да отворат нивни ограноци од групата по други градови, да се намали потребата од користење транспорт. На голем број од тие групи им беше подарен банер и текстот на групата. Денес некои од нив имаат завиден број членови, а вкупната бројка на членови во оригиналната група и нејзините клонови е околу 200.000, што е еднакво на втор град по големина во Македонија!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *