Skip to content

Ќе напишам песна – Наталија Наумовска

Ќе напишам песна за тажни краеви и нови почетоци,
за сите неискажани зборови и прегратки несподелени,
за сите сонови недосонувани и неисполнети желби.

Ќе напишам песна за сите изминати денови
кои нема да ги собере во стих
и за сите идни денови што допрва ќе ги напишеме
во книгите на животот.

Ќе напишам песна за оние што не се тука повеќе
и за оние што допрва треба да дојдат,
едните ќе недостигаат вечно
и се неизбришлив печат на постоењето,
а другите ќе бидат смислата на животот и новата надеж.

Ќе напишам песна за сите неиспеани и испеани песни,
во сите нив има дел од нас што постоел и ќе постои,
дел што си заминал и не се повторува
и дел што ќе се појави повторно.

Ќе напишам песна за тагата и среќата
кои како денот и ноќта се разменуваат,
испреплетувајќи се во мене како солта во морето.

Ќе напишам песна за љубовта која досега
никој не ја напишал,
со ноти што допираат длабоко во душата,
наоѓајќи пат до најскриените нејзини длабочини,
со текст во кој секој ќе може да се пронајде,
со музика што ќе те расплаче,
а истовремено и ќе ти го распее срцето од среќа.

Ќе напишам песна за аеродромите, автобусите и возовите
кои разделиле милијарди луѓе во светов
и споиле уште толку,
за куферите спакувани и распакувани стотици пати
и за сите заборавени предмети по хотелски соби и на станиците,
за недочитаните весници и неизиграните игри,
за неиспиените кафиња и неизедените вечери.

Ќе напишам песна за сите несреќни и осамени луѓе на светот,
да им пренесам дека не се сами,
да ги прегрнам преку стиховите влевајќи им верба за подобро утре.

Ќе напишам песна за болните и немоќните,
да им кажам да продолжат да се борат,
оти победник е оној што никогаш нема да се откаже,
во ниедна битка.

Ќе напишам песна за животните,
за да нè потсетам дека без нив
животот би ни бил потежок, речиси невозможен.

Ќе напишам песна за шумите, дрвјата, реките и планините,
за да им се заблагодарам за животот на земјата,
за чистиот воздух и водата,
што се тука да нè потсетат дека има нешто
поголемо од мене и од тебе, од сите нас.

Ќе напишам песна за езерата, морињата и океаните,
за летните вечери на плажа покрај брановите,
за убавото крајбрежје кое буди далечни спомени,
за песокот што се заглавува во костимот за капење и влечките,
за рибите што безгрижно си пловат по нивните патеки,
за камчињата што ги собиравме како деца
и замоците од песок што некогаш ги правевме,
за летните спомени од играње карти
на пластични бели маси во некој од дворовите,
за распустите во село кај бабите и дедовците
за детството што никогаш нема да се врати,
за детето во нас што лежи скриено
и чека понекогаш да биде ослободено,
за животот кој брзо ни тече,
а ние се однесуваме како да ќе живееме вечно,
за животот што нема реприза и никого не го поштедува,
за сè она што било и поминало
и за сè она што ќе биде, следи и ќе помине.

Напишете коментар