„Макстил“ е новиот стратешки партнер на СОС Детско село и станува клучен поддржувач на една од згрижувачките куќи, која ќе го носи името на компанијата. Со потпишувањето на договорот меѓу компанијата и организацијата, „Макстил“ започнува стратешка соработка со СОС Детско село, а кумството на куќата ќе значи поддршка на петте деца заедно со нивната згрижувачка.

– Да се биде клучен поддржувач на згрижувачка куќа од СОС Детско село значи да се прифатат вредностите што оваа организација ги застапува, да се поддржат напорите за создавање семејство и семејна грижа за секое дете. „Макстил“ како компанија заедно со своите вработени, целосно ја прифаќа одговорноста да бидеме главен помагач и пријател на ова семејство и со тоа да ги пренесеме најважните семејни вредности, заедништво, грижа и создавање топол дом за децата кои живеат во кумската куќа. Со ова партнерство, истовремено ги поттикнуваме и мотивираме истите релации и меѓу нашите вработени и партнери и иницираме пошироко позитивно влијание во зацврстување на традиционалните семејни вредности – изјави Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на „Макстил“.

Во куќата за која ќе се грижи „Макстил“ се сместени пет деца заедно со нивната згрижувачка. Донација во голема мера ги покрива потребите на семејството и одржувањето на куќата во текот на една година.

– Во минатата година СОС Детско село поддржа над 700 деца и млади без родители и родителска грижа или во ризик да ги изгубат своите родители, згрижувачки семејства и семејства во социјален ризик. Го прошируваме нашето СОС семејство со нов стратешки партнер – „Макстил“, една од најуспешните компании во Македонија, партнер кој ќе обезбеди  финансиска поддршка за континуирана грижа на една куќа во безбедна и сигурна средина каде децата ќе можат да имаат среќно детство и правилен раст и развој. Поддршката на оваа ранлива група бара голема сила и издржливост да се решат и надминат многу предизвици со кои се соочуваат децата; бара одржливост на нашата секојдневната континуирана поддршка за тие деца да израснат во самостојни млади луѓе, одговорни членови на нашето општество. Токму ваквите партнерства ни даваат сила и издржливост да продолжиме напред и да менуваме животи  и веруваме дека нашето партнерство со „Макстил“ ќе овозможи заеднички да создаваме посилни заедници и можност за развој и заштита на децата без родителска грижа – истакна Јулијана Накова-Гапо.