Силјановска-Давкова: Овие кои владеат не се избрани, туку станале министри и пратеници со политички пазари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Баукот на незнаењето, примитивизмот, неодговорноста, јавашлукот, непочитувањето на државните интереси кружи низ Македонија. И баукот на нарцизмот, самобендисани луѓе нарциси не градат единствно, туку предизвикуваат поделби и раздор, цело време тврдат јас па јас. Нарцисите во политиката не се плодни“, рече кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова, која денеска беше пред граѓаните на Делчево и на Берово.

Таа кажа дека мора да биде ставен крај на сопствеништвото на Македонија, на државата, и дека мора да се деприватизира политиката од ликови кои ја употребуваат со свои цели.

„Инстутициите се сопственост на државата, не може да ги користите во политички цели. Не смеете да славите роденден во институциите, не може да ги фамилијазирате“, рече Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова додаде дека сегашните луѓе на власта не се одбрани од народот, туку се избрани со политички пазари.

„Тие не се политичари, тие се луѓе кои се на погрешно место. Погрешни луѓе на вашите места, луѓе кои не се избрани, луѓе кои станале министри и пратеници со политички пазари. Подеднакво се одговорни и првиот премиер и вториот премиер, и оние во министерствата сите треба да си заминат. Наместо за доброто на граѓаните на Македонија, тие си градеа кули. Ама, тоа ќе бидат кули од пепел, вавилонски кули, тоа ќе се види на 24 април кога ќе им се урне првата и на 8 мај кога ќе им се урне втората и кога ќе мора да си заминат.“, изјави Силјановска-Давкова.