Томас Тухел на „Бернабеу“ – четири меча, ниту еден пораз

Баерн Минхен ќе се обиде да го шокира Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ откако првиот меч во Германија заврши без победник, а за тоа да се случи Томас Тухел ќе треба да ја продолжи својата неверојатна серија кога станува збор за гостувањата во мадридскиот фудбалски храм.

Имено, Тухел е единствениот европски тренер кој најмалку три пати гостувал на Реал Мадрид, а притоа не претрпел ниту еден единствен пораз. Статистиката вели дека Тухел четири пати водел екипи како гости на Реал, при што забележал три реми и една победа.

Серијата ја почнува како тренер на Борусија Дортмунд, кога во сезоната 2016/17 ремизираше на „Сантијаго Бернабеу“ со 2-2. Три години подоцна тој дојде со ПСЖ во Мадрид, при што неговиот тим одигра со идентични 2-2 против Реал. Серијата нерешени средби продолжи со ремито од 1-1 во сезоната 2020/21, за наредната сезона Тухел како предводник на Челси да го совлада Реал среде Мадрид со 2-3.

Останува да се види дали „кралевите“ во петтиот домашен дуел конечно ќе слават над германскиот стратег, што ќе значи нивни пласман во големото финале од ЛШ, или неверојатната серија на Тухел на „Сантијаго Бернабеу“ ќе продолжи и по вечерашниот дуел.

Се вчитува...