Нов шок за Ливерпул, титулата е речиси недостижна

од Nikola Popovski

Во првата средба од 35. коло на англиската Премиер лига немаше победник. Во Лондон фудбалерите на Вест Хем и Ливерпул одиграа 2-2.

Вест Хем поведе во 43. минута кога Боуен ја натскокна одбраната на гостите и со удар со глава донесе водство од 1-0, со неговиот шеснаесетти првенствен гол сезонава.

Ливерпул направи пресврт на почетокот на вториот дел. Најпрвин израмни Робертсон во 48. минута, а гостите поведоа во 65. минута. Се создаде гужва во домашниот шеснаесетник, а по ударот на Гакпо и бројните одбивања, голманот Ареола ја турна топката во сопствената мрежа.

Вест Хем имаше сили да се врати и дојде до бод во 77. минута. Боуен овојпат беше асистент, а по убав удар со глава за 2-2 погоди Антонио. На самиот крај Ливерпул беше неколку сантиметри до ново водство и победа, но силниот удар на Елиот заврши на стативата.

Ливерпул на последните четири првенствени натпревари забележа само една победа, со едно реми и два порази и со тоа е се подалеку во трката за шампионската титула која ја води со Арсенал и Манчестер Сити. Имаат два натпревари повеќе и бод помалку од Манчестер Сити, како и натпревар повеќе од Арсенал, но и два бода помалку.

Последните три натпревари од оваа рунда ќе се одиграат во недела и тоа Бурнмаут – Брајтон, Тотенхем – Арсенал и Нотингем Форест – Манчестер Сити.

Слични содржини