Електричниот мотор произведува 155 КС и 235 Nm вртежен момент, што е зголемување од 37 КС и 15 Nm во споредба со Fiat 500e

Abarth го претстави својот прв целосно електричен модел базиран на Fiat 500e со голем број подобрувања фокусирани на перформансите. Abarth 500e добива специјален поагресивен боди комплет, спортски поставки на шасијата, помоќен електричен мотор, нови режими на возење и генератор на звук што прави да звучи како да има моќен бензински мотор под хаубата.

Почнувајќи од надградбата на погонската единица, електричниот мотор произведува 155 КС и 235 Nm вртежен момент, што претставува зголемување од 37 КС и 15 Nm во споредба со Fiat 500e. Благодарение на зголемената моќност, електричниот Abarth е способен да забрзува од 0 до 100 km/h за 7 секунди, што е за цели 2 секунди побрзо од верзијата на Fiat.

Електричниот италијански „хот хеч“ има 10 КС помалку од новиот Abarth 595 со мотор со внатрешно согорување, кој треба да се произведува само уште една година пред да биде укинат.

И покрај малата разлика во моќноста, Abarth ја опишува електричната верзија како „побрза и повозбудлива во градското и приградското возење“ благодарение на „подобрената распределба на тежината, подобриот вртежен момент и поширокото меѓуоскино растојание“.

Возачот на Abarth 500e ќе има пристап до три режими на возење. Turismo ја намалува моќноста на 136 КС (100 kW) и 220 Nm вртежен момент во корист на ефикасноста. Scorpion Street дава пристап до целосни перформанси додека го максимизира регенеративното сопирање, додека Scorpion Track е режим кој воопшто не се грижи за достапниот опсег.

Зборувајќи за опсегот, Abarth 500e ја задржува батеријата од 42 kWh на својот брат Fiat 500е, но користи нов систем за брзо полнење од 85 kW. Ова може да додаде околу 40 километри досег за помалку од 5 минути, додека полнењето од 0-80 проценти се завршува за 35 минути. Abarth не даде податоци за опсегот, но може да се претпостави дека ќе биде помал од оние 321 km на Fiat 500e.

Abarth не е бренд кој е создаден за производство на тивки електрични возила, па на својот нов модел му дал различни звуци. Најпрво, мелодијата Nino Rota на Fiat 500e е заменета со звук на гитара што свири кога за прв пат одите над 20 km/h. Потоа, тука е опционалниот Sound Generator систем, кој го повторува татнежот на бензинскиот мотор на Abarth. Ако не сте обожавател, има опција за исклучување на контроверзната функција.

Визуелно, највпечатливата промена на Abarth 500e во споредба со скромниот Fiat е редизајнираниот лик. Го задржува изгледот без решетка, но се одликува со Abarth натпис и подлабок браник со вештачки доводи на воздух со спортски изглед. Од профилот, тука се впечатливата Acid Green нијанса, уникатните 18-инчни алуминиумски тркала, Abarth графиката и страничните прагови кои гарантираат дека никој нема да го помеша со Fiat. Назад, промените се ограничени на уметок на дифузорот поради отсуството на издувни цевки.

Abarth 500e ќе биде ексклузивно достапен во Acid Green или Poison Blue нијанса на екстериерот, во комбинација со стандардни 18-инчни алуминиумски тркала, фиксен стаклен покрив и задно стакло за приватност. Внатре, доаѓа со тапацир од алкантара на контролната табла и спортски седишта, уметоци во Titanium Grey боја, ознака Acid Green Scorpion и челични педали.

Стандардниот 10,25-инчен екран на допир за инфозабава Uconnect и дигиталната група инструменти добиваат нова графика Performance Pages која е уникатна за Abarth. Abarth 500e Scorpionissima Edition веќе е достапен за онлајн нарачка однапред – првиот месец исклучиво за членовите на заедницата Abarth. Abarth не прецизира конкретни датуми, но првите испораки се очекуваат следната година. Првично ќе се нуди во Европа, но производителот планира подоцна да го извезе и на други пазари.