Фестивалот на грчки филм по четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола

Четвртото издание на Фестивалот на грчки филм во организација на Амбасадата на Грција и филмскиот фестивал Киненова, ќе се одржи од 7 до 9 април во Кинотека во Скопје а од 8 до 10 април во киното Манаки во Битола.

Како што информираа организаторите на денешната прес-конференција, оваа година посетителите ќе имаат можност да погледнат 3 долгометражни и 3 кратки филмови. 

Фестивалот ќе се отвори со краткиот филм „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, а потоа ќе следи проекцијата на трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на режисерот Јоргос Георгополус. Следниот ден ќе се прикажат „Бјути“ на Танос Либерапулос и „Невидлив“ на Димитри Атанитис. Затворањето на фестивалот ќе биде со проекциите на „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис и „Жена-убиец/Фониса“ на Ева Натена.

Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, во своето денешно обраќање се осврна на филмот „ Жена –убиец“/ ФОНИСА во режија на грчката режисерка Ева Натена.

„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и  жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле.

„Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии“, рече Филипиду и ја најави видео –пораката на  режисерката на филмот, Ева Натена која им се обрати на присутните.

„Голема благодарност до организаторите на Фестивалот. Многу сум среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот“, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.

Директорот на МФФ Киненова и организатор на Фестивалот, Небојша Јовановиќ рече дека Грчкиот филмски фестивал, не само што ќе ја претстави и доближи грчката филмска уметност и култура до нас туку ќе даде и силен импакт во нашето општество.

 „Ние можеби нема да го промениме целиот свет, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а филмот особено, преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои директно произлегуваат од актуелното грчко општество“, рече Јовановиќ.

Сите филмски проекции ќе се прикажуваат од 20 часот. 

 

Симона Паскоска