Под Калето и денес постои раскошната семејна куќа на некогашниот градоначалник на Скопје, Јосиф Михајловиќ, кој ја изградил во 1937 година и ја проектирал како инженер архитект. Тој бил градоначалник на Скопје во два мандата: од 1929 до 1936 година и од 1939 до 1941 година, кога починал. Сега во оваа куќа се наоѓа Амбасадата на Република Албанија.

Михајловиќ, кој е по потекло од Западна Македонија, роден е во селото Тресонче, во 1887 година, ја користел оваа куќа како приемна резиденција, бидејќи просторот бил најсоодветен за таа намена. Во неа било инсталирано првото парно греење во градот.

Во записите на познатиот хроничар за Скопје, Данило Коцевски, стои дека неговиот внук, инж. архитект Драган Томовски, во едно искажување кажал дека куќата била изградена „од клепан мијачки камен во рустикален стил”, од прочуени мијачки мајстори ѕидари. Ентериерот бил најмодерен за тоа време, со голема компонирана фреска со мијачки мотиви од Личеноски. Плакарите биле вградени во ѕидовите. Металните елементи биле изработени во познатата браварска работилница на Антон Ручигај.

Долги години позната под името „Македонска куќа“, таа била сопственост на угостителското претпријатие „Меркез”, а во неа, во еден период живееле и видни политичари.

Еден од плановите на Михајловиќ била идејата за зелен град, која особено ја препорачувале и ја разработувале англиските урбанисти. Тој сакал да ги пошуми двата острова на Вардар што постоеле во тоа време – едниот спроти Зоолошката градина и паркот, другиот во близината на тогашниот аеродром. Велел дека им е потребна побујна вегетација на кејовите на Вардар. Повеќето идеи Михајловиќ ги реализирал, некои останале само како идеја, но сето она што го остварил тој останува во богатата урбанистичко-архитектонска и духовна традиција на градот.

Тој бил најпознатиот или најзаслужен меѓу најзаслужните градоначалници од периодот меѓу двете војни. Тоа што неговата легенда трае сè до денес не е случајно и се базира врз неговите исклучителни заслуги за градот. Во негово време, Скопје интензивно се градело, ги добило своите модерни урбани белези. Биле изградени Железничката станица, Народна банка, Поштата, зградата на денешниот Парламент, водоводот Рашче, хидроцентралата „Матка”, биле направени геодетски премер и урбанистички план на градот, биле подигнати многу станбени објекти. И тоа е само еден дел од она што е направено во неговиот период. Тој е еден од ретките градоначалници што постојано држеле предавања пред граѓаните, на теми од архитектурата и новото модерно обликување на градот.

Сестрано талентиран, бил сметан за еден вид инкарнација на мијачката генијалност и градителскиот дух. Во документите за него се открива дека граѓаните честопати му скандирале: „Да живее нашиот Мијак, г. Јосиф Михајловиќ”. Секогаш елегантен, со ракавици, со продуховен изглед, вистински господин. Во еден запис од тоа време се вели дека речиси совршено го зборувал англискиот јазик, без ниту една грешка. Не му била туѓа ниту една област од живеењето и често другарувал со уметноста и со уметниците Никола Мартиновски и со Лазар Личеноски. Нив особено ги консултирал ако требало да се помогне нешто во врска со зачувувањето на фреските. Личеноски насликал и негов уметнички портрет. По конгресот на светскиот ПЕН-центар во Дубровник, во 1934 година, писателите допатувале во Скопје, каде што ги примил Јосиф Михајловиќ, кој одржал говор пред нив.

(А.П.)