Во Дебар Маало паркинг за велосипеди стана паркинг за возила

434

Во строгиот центар на градот никако да се реши проблемот со паркирањето. Објективот на фотоапаратот на фоторепортерот на ВЕЧЕР забележа како на скверот спроти Министерството за култура во Дебар Маало кој што е предвиден за паркирање на велосипеди и покрај тоа што има поставено столпчиња се паркираат автомобили. И тоа не еден, туку дури пет.

И не само таму, секој и најмал слободен простор во Центар, па и тротоарите каде што нема зонско паркирање се користат за паркирање на возила. Очигледно, тоа стана практика на несовесните возачи кои или затоа што не сакаат да платат за паркинг простор или затоа што што не можат да најадат слободен го бараат поедноставниот начин како да го остават своето возило, „божем“ за кратко, за да завршат некоја работа или да испијат кафе во блиските познати дебармаалски кафулиња.

Сето тоа зборува дека ниту зонското, ниту постојните паркинзи со рампи и катни гаражи не се доволни да го решат проблемот со недостиг на слободни паркинг места, но и за сообраќајната некултура и непочитувањето на сообраќајните прописи од страна на возачите. Очигледно е дека свеста на оние што управуваат возила треба да се крене на повисоко ниво, но и општинските власти треба да размислуваат за ослободување на нови паркинг места, иако Општина Центар најави дека ќе се гради нова монтажна гаража во Капиштец која ќе биде со 250 паркинг – места, за што се предвидени 93,4 милиони денари.

(А.П.)   Фото: (П.С.)