САД ги повлекоа лиценците на американските добавувачи на Хуавеи


Американските власти повлекоа повеќе лиценци кои им дозволуваа на компаниите како Интел и Квалком да извезуваат чипови за лаптоп и друга електроника на санкционираниот кинески гигант Хуавеи.

Повеќе извори ја потврдија оваа информација за Ројтерс, а еден од нив истакна дека компаниите не биле информирани дека повлекувањето на лиценците и дозволите ќе стапи на сила веднаш (т.е. во вторник кога е донесена наредбата). Американските власти потврдија дека лиценците се повлечени, но не прецизираа точно кои компании.

Интел и Квалком не одговорија на прашањата на Ројтерс.

Овој потег на американските власти доаѓа околу еден месец откако Хуавеи го лансираше својот прв лаптоп со вештачка интелигенција, MateBook X Pro напојуван со Core Ultra 9 процесорот на Интел. Лансирањето на овој лаптоп го привлече вниманието на републиканците кои оценија дека самото постоење на лаптопот е сигнал дека американското Министерство де факто дало зелено светло за продажба на чипови на кинески компании.

– Повлековме одредени дозволи за извоз на Хуавеи, се вели во соопштението на американското Министерство за трговија. Министерството не прецизираше точно кои фирми останаа без лиценци.

Конгресменката Елиза Стефаник, републиканец, во соопштение рече дека овој потег ќе ја зголеми националната безбедност на САД, ќе го заштити интегритетот на американската држава и ќе ја спречи Кина да напредува во областа на високата технологија.

Овој потег може да биде многу штетен за Хуавеи, но исто така им штети на американските добавувачи кои имаат бизнис со компанијата.