Употребата на пластични кеси во трговијата во Србија е намалена за повеќе од 80 отсто. Според министерот за надворешна и внатрешна трговија, Томислав Момировиќ, ова е успех оти намалувањето е за помалку од една година.

– Свесни сме колку е важно да се грижиме за животната средина, да го намалиме отпадот и да промовираме одржлив бизнис. Во изминатиот период работевме заедно на иницијативи кои ја намалија употребата на пластика и го намалија отпадот што се создава во малопродажната индустрија – вели Момировиќ и нагласува дека е многу важно целиот синџир на снабдување да ги прифати новите трендови за кои е познато дека помагаат за зачувување на животната средина.

Според него сè повеќе се избегнува употребата на пластика, рециклирање, употреба на регенеративни и незагадувачки материјали, како и употреба на нови технологии.

-Малопродажните синџири знаат дека усвојувањето на моделот на циркуларна економија и одговорниот бизнис ќе им помогне да се поврзат со постојните клиенти и да привлечат нови потрошувачи кои се повеќе се грижат за животната средина, нагласи Момировиќ, пренесува Танјуг.

Тој нагласи дека трговците треба постојано да бидат дел од дијалогот за новите модели на управување со отпадот, особено отпадот од пакување, бидејќи трговијата е мостот што ги поврзува производителите и потрошувачите.

-Трговците на мало се тие што потрошувачите секогаш први ги гледаат и препознаваат кога се случуваат промени, смета министерот Момировиќ.