Украинската Врховна Рада го усвои контроверзниот закон со кој се зголемува бројот на војници во армијата

По неколкумесечни одложувања  украинската Врховна Рада (парламент) денеска гласаше за Законот за регулирање на начинот на регрутирање на граѓаните, откако за него во постапката на донесување беа поднесени илјадници амандмани со кои се сакаше ублажување на содржината на оригиналниот нацрт текст, што од самиот старт на расправата  не беше добро прифатен.

Законот воведува голем број измени со проширување на овластувањата на украинските власти да објавуваат повици за мобилизација со помош на електронски систем.

Парламентот со месеци го одолговлекуваше усвојувањето на законот откако промената беше побарана од сменетиот врховен командант на украинските сили, Валери Залужни, кој кажа дека украинската војска треба да мобилизира 500.000 граѓани за да ги пополни своите редови.

Актуелниот врховен командант на армијата, Олександр Сирски и украинскиот претседател Володимир Зеленски оттогаш ја намалија оваа проектирана бројка, кажувајќи дека толкав број војници е непотребен бидејќи тие може да се ротираат заднински.

- Реклама -