„Според процедурите и прописите, земјиштето околу Владата е сопственост и надлежност на Градот Скопје и според работата и обврските ‘Паркови и зеленило‘ како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи кои се во надлежност на друга институција“, рече премиерот во техничката Влада
Жалам што изгледот на дворот на Владата е таков, што тревата не е искосена, но Владата нема надлежност во тој дел, зашто земјиштето е во сопственост на Градот Скопје.
Ова денеска на прес-конференција по повод 100 дена влада го рече премиерот во техничката влада, Талат Џафери, одговарајќи на новинарско прашање зошто не е искосена тревата во дворот околу објектот на Владата во центарот на Скопје и на која институција тоа е обврска посочувајќи дека тоа е на работа на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето околу Владата е сопственост и надлежност на градот Скопје и според работата и обврските ‘Паркови и зеленило‘ како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи кои се во надлежност на друга институција“,
рече Џафери.
Според него, во таа насока жали што изгледот на дворот на Владата е во таква состојба, но следствено на тоа, како што рече, на изборите соодветен одговор добила и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
„Во изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Така што граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и со го дадоа својот одговор“,
рече тој.
Инаку, веќе подолг период, дворот и околината на Владата е обраснат со висока трева. Слична е и сликата и во блиската околина каде што е сместен објектот на Владата, односно и на кејот на реката Вардар.