Руд го престигна Синер во 2024 година

од Vladimir Zorba

Јаник Синер и понатаму е најтрофејниот тенисер во 2024 година, но повеќе не е играчот со најмногу победи во сезоната. Тој ореол му беше украден во Барселона од Каспер Руд. Норвежанецот ја забележа 26. победа во осминафиналето, една повеќе од Италијанецот, со што потврди дека по слабата мината сезона повторно е во нагорна линија. На Мастерсот во Монте Карло минатата недела тој за прв пат во кариерата го победи Новак Ѓоковиќ.

Руд игра во четвртфиналето против Италијанецот Арналди, најдобро е рангиран меѓу тенисерите кои се уште се во ждрепка, но не се гледа себеси како главен фаворит.

– Сите осуммина кои се во четвртфиналето имаат шанса за титулата – истакнува тенисерот број шест во светот – Го загубив последниот натпревар од Матео, тука е и Стефанос Циципас кој ме победи во финалето во Монте Карло во недела. Имам шанса за пехарот, но нема да брзам, додава тој.

Руд ги одигра последните две финалиња на Ролан Гарос, но не зеде сет ниту против Рафаел Надал, ниту против Новак Ѓоковиќ. Сега е во подем, но не сака да фантазира.

– Би сакал да дојде тој момент за мене, но не можам да дојдам на Ролан Гарос мислејќи дека ќе победам. Така не функционира тенисот. Можете да го сонувате, можете да пробате, но не смеете да мислите дека ќе се случи. Имам големо искуство од две финалиња, тоа ме тера уште повеќе да го посакувам трофејот, но нема да слетам во Париз како да ме чека титулата, порача тенисерот.

Многумина очекуваат ново финале против Циципас. Руд годинава има веќе три меча за купови, триумфираше во Акапулко, а во Лос Кабос и Монте Карло беше „кус“ за малку.

– Не знам дали сега играм подобро од минатата недела во Монако, но сигурен сум дека овде играм многу подобро од лани – истакнува Норвежанецот, кој е единствениот во историјата кој загубил шест финалиња на големите турнири (две на Ролан Гарос, едно на Отвореното првенство на САД, едно на завршниот Мастерс и две на Мастерс турнирите во Мајами и Монте Карло) без сè уште освоена ниту една титула од тој калибар.

– Во Барселона никогаш не успеав да го поминам четвртфиналето и се надевам дека сега ќе биде подобро, заврши тој.

Слични содржини